Брзата реакција на Владата на Република Северна Македонија, како и мобилизирањето на домашните капацитети за производство на електрична енергија беа главната причина за спречување на шокантно покачување на цената на електричната енергија.

Од 1 јануари, граѓаните на земјава ќе плаќаат електрична енергија поскапа за 9,48 отсто што е значително помалку од прогнозите и барањата на енергетските компании тоа да биде преку 25 отсто.

Колку за споредба, Турција само на неколку часа пред Новата година ги објави новите цените за електрична енергија, со што им ја расипа забавата на нивните граѓани. Цената на електричната енергија таму се зголеми за 50 отсто, додека за индустријата пак таа порасна и до 125 отсто.

За да се избегнат ценовни, шокови, но и можни рестрикции во снабдувањето со струја, Владата ги активираше сите домашни капацитети за производство на електрична енергија.

По цели 12 години со работа почна ТЕЦ Неготино на 18 декември. Во моментов оваа електрана работи со половина капацитет, со цел прилагодување и стабилизирање на системот, додека кон средината на месецов се очекува да се клучи и вториот котел.

Освен тоа, ќе се активира и третиот котел во РЕК Битола, а во функција е и ТЕЦ Осломеј со што ќе се обезбеди потребното количество на електрична енергија од домашните производствени капацитети.

Како што најави генералниот директор на АД Електрани на Северна Македонија, Васко Ковачевски со максимално ангажирање на сите производни капацитети, ќе се обезбеди снабдување за грејната сезона и ќе излеземе од енергетската криза без рестрикции, вложувајќи напори да се избегнат ситуациите кои веќе се случуваат во околните земји во однос на снабдувањето со електрична енергија.

Како дополнителна помош за најпогодените граѓани, Владата обезбеди и мерка за намалување на сметките на електричната енергија за нив. Најранливите категори на граѓани со ниски примања, кои не се приматели на гарантирана помош, ќе добијат намалувања на сметките за електрична енергија во износ од 600 до 800 денари, во зависност од големината на домаќинството. Со оваа мерка, Владата ќе помогне на околу 7500 домаќинства во следните 12 месеци, со цел полесно изборување со енергетската криза која ја зафати цела Европа.

Финансиска поддршка ќе се доделува на лица доколку нивните редовни месечни примања не го надминуваат нето приходот и тоа, за самец до минимална плата, за домаќинство со два члена до 18.000 денари, за домаќинство до три члена до 21.000 денари, за домаќинство со четири члена до 25.000 денари и за домаќинство со пет члена или пак повеќе члена до 30.000 денари.