На прес-конференцијата соработникот за енергетика го соопшти дневниот енергетски биланс за претходното деноноќие. Тој информираше дека вкупното производство на електрична енергија од ЕСМ, за вчерашниот ден изнесува, 10756 мегават часови. Од термоелектраните произведени се вкупно 7800 мегават часови, од обновливите извори на енергија произведени се 2956 мегават часови, набавена е електрична енергија за потребите на вчерашниот ден 2400 мегават часови.

Портпаролот на Владата Муамет Хоџа, на прес-конференцијата информираше дека Владата на Република Северна Македонија по препорака на Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците ја разгледа и усвои информацијата за одржување втората заедничка седница на Владата на Република Северна Македонија и Владата на Република Албанија која ќе се одржи на 14 ноември годинава.

Како што беше посочено, во рамки на меѓувладината седница ќе бидат потпишани повеќе меморандуми за продлабочување на соработката во повеќе области од заеднички интерес: економија, одбрана, образование, европски интеграции, здравство и други.

Меѓувладините седници имаат за цел подобрување на соработката во регионот, размена на искуства, подобрување на меѓуграничната соработка, подобрување патната инфраструктура и економски раст.