Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) ќе ги истражува документите на сите кандидати на Академијата за судии и обвинители од нејзиното основање досега. Антикорупционерите ќе истражуваат кои судии и обвинители стигнале до функцијата со прекршување на законот, односно со предвремено полагање на правосуден испит.

Претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска вели дека истрагата ќе таргетира проверка на сите кандидати кои биле во Академијата за јавни обвинители и судии од нејзиното формирање до денеска, со цел да утврдат дали некои од нив предвреме полагале правосуден испит или не. Ова е епилог на скандалот, во кој Антикорупциската комисија не можеше да ги добие сите потребни информации од Министерството за правда.

Во истрагата на ДКСК ќе биде вклучени и сите универзитети, односно колку универзитети како Штуловиот Универзитет во Тетово издале уверенија со кои поинаку го толкуваат фактот – дипломиран правник со што овозможиле некој предвреме да полага правосуден испит. За таа цел ќе биде ангажиран просветниот инспекторат, кој ќе прави проверка и на сите други правни факултети во земјава за период од 2008 до 2012 година, период за кој е веќе направена проверка за Штуловиот универзитет.

„Сега ова е прашањето – ако некој завршил во 2019 а конкурирал во 2014, зошто диплома не приложил, очигледно не добил диплома, ама тоа се наши претпоставки, затоа си бараме точно убаво да видиме од сите аспекти, за да ја расчистиме појавата, затоа што ние си патиме од појави“, вели Ивановска.

До ова дојде откако ДКСК откри дека синот на собранискиот спикер Талат Џафери, Барлет кој е дел од Академијата за обвинители и судии предвреме положил правосуден испит. По тоа открија дека 449 студенти од Штуловиот универзитет добиле уверение за дипломирани правници без да ги завршат во целост правите студии.

Антикорупционерите велат дека ќе се проверува и соодносот на уверенија издадени за дипломи и самите дипломи, со што може да се дојде и до сомнеж за издадени фалсификувани дипломи.

За нив одговорноста треба да се бара во институцијата која што ги издава таквите уверенија, потоа во Просветниот инспекторат, Министерството за образование, како и комисијата во Министерството за правда што во тој период ги примила тие документи.

извор: Nezavisen.mk