Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС), надлежен за контрола на инсталациите што поседуваат А-Интегрирана Еколошка Дозвола, на својата официјална Фејсбук страница денеска потврди дека Цементарица УСЈЕ постапила по издаденото решение од последната инспекциска контрола и започнала со користење природен гас како гориво во двата котли кои се користат за загревање на просториите во фабриката.

ДИЖС информира и дека од страна на акредитирана лабораторија за животна средина било извршено ново контролно мерење на емисијата на гасови од оџакот на парниот котел, при што е утврдено дека „нема евидентирано надминување на ГВЕ-граничните вредности на емисија“.

Истовремено, од две акредитирани лаборатории за животна средина извршени се и мерења на осум емисиони точки од сите производни делови кои се во работен режим. „Од пристигнатите извештаи е утврдено дека нема евидентирано надминување на ГВЕ-граничните вредности на емисија“, стои во објавената информација на ДИЖС. Од таму појаснуваат дека мерењата на останатите четри мерни места утврдени со А-Интегрираната Еколошка Дозвола, поради редовен годишен ремонт на ротациона печка 4 и придружни работни единици, ќе се извршат дополнително.

Помеѓу останатото, во својата информација ДИСЖ потсетува дека Цементарница УСЈЕ од 2011 година поседува А-Дозвола за усогласување со оперативен план, која е изменета во 2013 година, а од 2020 година е носител на А-Интегрирана Еколошка Дозвола.