Претседателот на Собранието, Талат Џафери, во своето обраќање на Конференцијата, „Украина – година на хероизмот“, по повод една година од целосната агресија на Руската федерација врз Украина, истакна дека никој не мислеше дека овој конфликт ќе трае долго и затоа, сите заедно, онолку колку можеме, онака како можеме даваме поддршка за Украина и украинскиот народ.

Претседателот на Собранието изрази уверување дека ниту еден конфликт, ниту една одбрана немала подобро организирана воена, морална и секаква друга поддршка, дури и вербална, глобално. При тоа, покрај ангажираната воена помош со технолошки напредна софистицирана опрема, мислам и на посетите на исклучително високите и влијателни државници кои ја посетија Украина, реализираа средби со украинскиот претседател Зеленски, со претседателот на Врховната Рада Стефанчук и други раководни структури.

Јас сум прв претседател на Собрание од регионот кој што отиде во Украина, за лично и институционално да ја изразам поддршката за украинскиот народ и институции. Со оглед на моето воено минато, човек би рекол дека ништо не може да ме изненади. Меѓутоа, не е така! Човек никогаш не може да биде доволно подготвен за суровоста на другиот човек. Соочен со бројот на загубените животи, разрушената инфраструктура и влегувањето на Украина во една целосно поинаква димензија на егзистенција, се обврзав дека ќе се заложам за помош со сета моја моќ. Истовремено, восхитен од храброста, посветеноста, пожртвуваноста и смиреноста на украинските водачи и граѓани, истрајни во праведната борба за слобода, подвлече Џафери,

Тој исто така потсети дека претходно, во март 2022 година Собранието на Република Северна Македонија ја усвои „Декларацијата за осуда на воените напади кои го загрозуваат територијалниот интегритет и суверенитет на Украина“. Покрај тоа, се приклучивме кон сите резолуции и иницијативи со кои се побара од Русија да престане со употреба на сила во Украина и да ја повлече својата војска. Се приклучивме и кон сите рестриктивни мерки и санкции на Европската унија кон Руската Федерација.

Како држава, учествувавме и на првиот парламентарен самит на Меѓународната Кримска платформа каде се промовираше парламентарната димензија на Платформата. Тоа е заеднички напор на меѓународната заедница за застанување на патот на растечките безбедносни закани кои имаат тенденција да заземат непосакувани размери, рече Џафери.

Тој потсети и на активноста во Собранието, Изложбата за Гладоморот „Украина се сеќава, светот признава“ која беше уште еден жален потсетник за суровоста на агресорот, кој повторно е истиот. Безброј жртви, жени, деца, старци уништени на систематски начин, со глад. Без трунка совест и одговорност кон правото на секој човек, без исклучок, да живее и да остари по природен пат.

Џафери се осврна и на изјавата на Путин дека наводно, Русија само се бранела и дека Русија сакала да постигне договор по мирен пат но, Западот не го дозволува тоа со тоа што и дава поддршка на Украина. Патот за постигнување на мир е еден и за тоа треба да се седне на маса еден наспроти друг во разговор без ракавици, на рамна основа. И тоа, колку порано, толку подобро! Мирен договор не се постигнува кога го гледаш противникот низ нишанот на оружјето. Со секој одминат ден, се подлабоки се раните, се повеќе се разгорува огнот и се разјарува гневот. Доста е! Нема повеќе време за губење! Сега повеќе од кога било се потврдува колку е значајно проширувањето на Европската унија и со земјите од Западен Балкан за безбедноста, стабилноста и демократската консолидација на Европскиот континент.

Почитувани присутни, да не дозволиме да се претвори сè во пепел, премногу сме вложиле и сме жртвувале, ние, нашите предци, нивните предци. Злото многу брзо може да затропа на сечија врата, затоа што на овој или на оној начин, ефектот се рефлектира на сиот свет, без разлика, порача Џафери на крајот од обраќањето.

извор Цивилмедиа.мк