ОБРАЌАЊЕ НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ЏАФЕРИ НА ГОДИШНАТА КОНФЕРЕНЦИЈА НА ДКАФ:

Дозволете во име на пратениците на Собранието на Република Северна Македонија, и во мое лично име да ве поздравам сите присутни учесници на оваа годишна конференција која е замислена како пресек на реформите во безбедносниот и разузнавачкиот сектор во Република Северна Македонија. Во исто време, имајќи ја на ум посветеноста на ДКАФ на тоа да државите и луѓето бидат побезбедни во рамки на демократското владеење, владеењето на законот и почитувањето на човековите права, сакам да изразам благодарност до нив и со задоволство да кажам дека Собранието на Република Северна Македонија има среќа да биде во партнерство со ДКАФ во спроведувањето на нужните реформи во овој сектор.
Како што ви е познато, како резултат на стратешкото партнерство со ДКАФ, Собранието потпиша Меморандум за разбирање за спроведување на Проектот „Развивање на парламентарен и независен надзор“, како дел од пошироката „Програма за реформи во разузнавачкиот сектор во Република Северна Македонија“.

Потребни сме си едни на други, затоа што сега, како полноправна земја членка на НАТО, неопходно е да бидеме рамноправни и рамо до рамо со нашите партнери во НАТО сојузот. Во исто време, мораме да ги изградиме и нужните механизми за отчетност и напредок кон преговорите за членство во Европската унија. Затоа сме во овој реформски процес за демократско управување со разузнавачкиот и безбедносниот сектор во Република Северна Македонија, затоа што само реформирани институции кои имаат мандат да вршат надзор и контрола можат да придонесат значително во обезбедувањето на демократската транзиција и враќањето на довербата на граѓаните, пред се во државата и нејзините институции. Несомнено дека Собранието, како законодавен дом и заштитник на правата и слободите на граѓаните е местото каде што тие неопходни процеси и заштитни механизми се ставаат во законска рамка, која е основата врз која се градат идните односи за безбедноста на граѓаните и државата.
Почитувани присутни,

Сигурен сум дека и Вие и јавноста имате сознанија за направените законски измени во насока на реформскиот процес, со оглед на транспарентното работење на законодавниот дом. Законските измени се прилагодени на стандардите на Европската унија и НАТО со кои се наметнуваат одредени законски норми и стандарди за Собранието и впрочем за сите институции. Верувам дека со преземените мерки и активности согласно законските измени, ќе се обезбеди и зголемено ниво на отчетност од страна на сите чинители.
Почитувани,

Демократското владеење и надзор е обврска на сите сегменти од општество и на целиот државен апарат. Секој треба да го даде својот максимум во своето работење, пристапувајќи на секое нерешено прашање со искрена намера за изнаоѓање на одржливо решение кое нема да служи само на политичкиот фактор на власт, туку ќе биде општо прифатено и почитувано подеднакво од сите. За тоа да биде така, секако дека решението треба да се разгледува инклузивно, со учество на сите политички субјекти и крајното решение да биде консензуално постигнато решение во склад со европските норми. Ова секако ќе се наметне како обврска и со отворањето на преговорите со Европската унија и првиот преговарачки кластер, односно Фундаменти. За мене многу значаен сегмент е и подигнувањето на свеста на јавноста за правата и обврските кои ги имаат како рамноправни граѓани на Република Северна Македонија. Исклучително значајно е и следењето на спроведувањето на донесените законски решенија, затоа што најдобриот тест за квалитет на секој закон е неговата имплементација на терен, Само тогаш се воочуваат празнините или недореченостите кои се несоодветно решени. Битна е целосната имплементација на легислативата. За Собранието е исклучително важен Законот за следење на комуникации, особено делот на парламентарниот надзор, техничките експерти и Советот за граѓански надзор кој што се уште не е активен токму поради недореченост на законското решение.

Безбедноста на нашите граѓани, на државата, на светот во крајна инстанца е важна – најважна! Особено во ова време на напредни технологии, софистицирани методи на разузнавање и ако сакате, современи начини на војување. Сепак, тоа во ниту еден момент не смее да биде алиби за нарушување на основните човекови права и демократското владеење и надзор.
Ви благодарам на вниманието и ви посакувам успешна конференција!