„Медиумскиот пејсаж во Северна Македонија е прилично комплициран. Не мислам дека сме исклучок од другите земји, каде демократијата се соочува со повеќе предизвици. Би рекол дека на Балканот, поточно, во земјите од Западен Балкан, медиумите се пред сé сиромашни. Новинарството како професија не е повеќе популарно. Има сé помалку студенти кои се запишуваат да студираат новинарство. Последната бројка, мислам е дека не повеќе од 15 студенти се запишале на новинарски студии во Северна Македонија изминатата година“, вели Џабир Дерала, претседател на ЦИВИЛ, во интервју за Катерина Соколова, од Институтот за новинарство во Кијив, Украина, по повод меѓународниот семинар „Отпорно новинарство во борба против дезинформациите и пропагандата“ во организација на ЦИВИЛ во партнерство со Youth4Media (Y4M).

Дерала посочи дека, за жал, голем број на медиуми се поврзани или под влијание од центри на моќ во политиката и бизнисот, но и од странски центри на моќ, пред сѐ Москва, Кремљ.

„Медиумите сега се поврзани или под влијание, или контролирани, исто така, од центри на моќ во политиката и бизнисот. Би рекол дека дури и во подземниот организиран криминал постојат центри што се обидуваат да ги контролираат медиумите што е можно повеќе. Така што, во Северна Македонија, во многу медиуми, голем дел од медиумите, пејзажот е окупиран, контролиран, финансиран од центри на моќ во земјата“, вели Дерала.

На прашањето, дали луѓето во другите земји доволно знаат за Северна Македонија и за тоа што се случува во земјата, Дерала истакна дека ако една земја како Северна Македонија ќе стигне до насловните страници на западниот печат, тоа значи дека нешто лошо се случува.

„Бевме на насловните страници во 2001 година, кога имаше вооружен етнички конфликт во земјата. Потоа бевме на западните насловни страници кога беше нападот врз парламентот во 2017 година. Пред тоа, бевме на насловните страници на западниот печат со огромниот скандал со прислушувањето на 26.000 граѓани на Македонија од страна на режимот на Груевски. Бевме на насловните страници во 2016 година, кога едно мало гратче во централниот дел на земјава стана познато по тоа што беше домаќин на група која произведуваше дезинформации и пропаганда, мешајќи се во изборите на САД, на страната на поранешниот претседател Трамп.

Но, од друга страна, ние сме и држава која се стреми кон демократија. Тукушто ја добивме можноста да го започнеме преговарачкиот процес со ЕУ, што го чекавме 17 години И, секако, многу пати сме биле земја која покажала големо гостопримство, вклучувајќи ја и бегалската криза во 1999 година за време на косовската војна, а исто така и земја каде бегалци можеле да пристигнат од различни делови на светот, вклучувајќи ја и последната војна што ја води Руската Федерација против Украина. А тоа претставува и можност за македонското општество, за македонската држава да биде претставена во попозитивно светло, да речеме во западниот печат. Што значи, ние сме познати, барем во Европа, но и многу пошироко“, вели Дерала.

Дерала смета дека медиумскиот простор во Македонија е комплициран, како последица на губење на популарноста на новинарството и недобро ситуираните медиуми.

„Новинарството како професија не е повеќе популарно. Исто така, е област, професија, во која работниците во медиумите не се заштитени, ниту социјално, ниту пак нивната безбедност е загарантирана. Сега има некои промени во законот. Парламентот тукушто донесе регулатива според која напад врз новинар значи напад врз службено лице. Но сепак, долг е патот да го видиме тоа на дело. Новинарите се многу, многу лошо платени, нивните плати се многу ниски, нивното социјалното осигурување не е најдоброто во земјата, напротив, тие се некаде во долниот дел од списокот на социјални бенефиции што можат да ги уживаат“, изјави Дерала.

Тој додаде дека и покрај големиот број професионалци во својата професија, сепак новинарите поради финансиски импликации се соочуваат со предизвици да си го платат лебот што ги прави предмет на контрола, па дури и на заплашување, но и на различни видови притисок, вклучително и социјален притисок.

„Тинк-тенк организации, невладини организации, ја имаат храброста, би рекол дури и ароганцијата, да ги анализираат медиумите на дневна основа и да обезбедуваат секакви знаења и препораки за тоа како треба медиумите да се подобрат и како треба да се помогнат и слично. Така, тие привлекуваат најголем дел од вниманието, додека медиумите сé уште тонат во нивните добро познати проблеми со финансиските и политиките и социјалните и безбедносните и другите видови на предизвици секој ден. И, да, има истражувања, има анализи за медиумскиот пејзаж, медиумското однесување и голем дел од тие автори се всушност дел од некои структури кои го загрозуваат квалитетот и интегритетот на новинарството во Северна Македонија“, истакна Дерала.

За секојдневниот притисок врз новинарите, Дерала, појаснува дека тие се под финансиски, политички, но и под притисок од други сопственици на медиуми и структури што не се навистина медиуми, туку пропагандни центри маскирани како медиуми или невладини организации.

„Денес е прилично тешко да создадете вистински медиуми кои на граѓаните им обезбедуваат релевантни информации, бидејќи пропагандата е толку силна, е толку добро платена и е толку добро всадена во општеството, во медиумскиот пејсаж, што е доста тешко, во најмала рака“, вели Дерала.

„Донаторите во демократските земји треба да размислат за нов план за поддршка на медиумите и демократијата во овие земји, затоа што се злоупотребува, затоа што пропагандни и криминални и политички центри се инфилтрирани во најчувствителните сектори во општествата и всушност користат западни пари за промовирање и спроведување антизападна пропаганда. Тоа е нешто што треба да се преиспита, повторно да се размисли во центрите каде се одлучува и обезбедува поддршка за демократските процеси.

Треба да разбереме дека хибридната војна е одамна започната и се води против демократијата, против демократијата во овие земји, исти така и на Западот, додека бизнис центрите и политичките центри беа во романтична, идилична прегратка со Путин и со слични ликови како Путин. Затоа и ги гледаме овие предизвици сега и во земјите на Европската унија, каде се негуваат или се појавуваат секакви екстремно десничарски групи и терористички групи низ континентот и каде екстремно десничарски политички партии добиваат сé повеќе моќ па дури и владина моќ во некои од земји“, вели Дерала, одговарајќи на прашањето за пропагандата и нејзината криминализирана страна.

Разговорот го водеше Катерина Соколова, Институтот за новинарство во Кијив, Украина

обработка на текст: Б. Јорднаовска
превод: Н. Цветковска
камера и монтажа: Самуел Дебус/OK-TV Ludwigshafen

извор: Civilmedia.mk