Под мотото „Секогаш на вистинската страна“, Владата на Република Северна Македонија со низа настани и почести во Куманово, Прилеп и Скопје, го одбележа државниот празник, Денот на народното востание 11-ти Октомври.

Премиерот Ковачевски присуствуваше на централната манифестација со пригодна културно уметничка програма, што се одржа на Спомен-костурницата во Куманово. Во обраќањето до граѓаните премиерот истакна дека одбележувањето на овој празник е продолжение и насока за нашата иднина, а нашата денешна битка е да продолжиме по патот на напредокот и мирот, без да дозволиме кој било и што било да ни го попречи овој пат.

Со посебни почести владина делегација предводена од вицепремиерката за политики за добро владеење Славица Грковска, а во состав на Александар Бајдевски, заменик -министер за информатичко општество и администрација и Башким Хасани, заменик-министер за одбрана, положи цвеќе на споменикот на „Ослободителите на Скопје”, на платото кај Владата на Република Северна Македонија. На овој споменик со положување цвеќе почит оддаде и претседателот на државата Стево Пендаровски.

Како дел од чествувањето на празникот 11-ти Октомври, официјална владина делегација учествуваше на настан во Општина Прилеп кој започна со оддавање почит и положување свежо цвеќе на споменикот на Методија Андонов-Ченто.

Во состав на оваа владина делегација присуствуваа Бисера Костадиновска-Стојчевска, министерка за култура, Владимир Рендевски, заменик-министер за здравство и Џемил Ќамили, директор на Агенцијата за развој на земјоделство.