Русија денеска тврди дека војниците од Азербејџан влегле во зоната под јурисдикција на московските мировни сили во спорниот регион Нагорно-Карабах, пренесува France 24.

Руското Министерство за одбрана соопшти дека азербејџанските сили поставиле набљудувачка станица и извршиле четири напади со беспилотни летала на територијата на Нагорно Карабах, со што го прекршиле договорот за прекин на огнот.

-Беспилотни летала од турско производство беа користени за напад врз војници во Карабах во близина на селото Фарух, познато и како Парух, соопшти Министерството за одбрана на Нагорно-Карабах, наведувајќи дека беспилотни летала убиле три лица, а раниле уште 15.

Москва ја повика владата во Баку да ги повлече своите војници и најави дека презема мерки за преместување на силите на нивните првични позиции.

-Испратен е апел до азербејџанската страна да ги повлече своите војници. Прекршувајќи ги одредбите од трилатералната изјава на лидерите на Русија, Азербејџан и Ерменија на 9 ноември 2020 година, азербејџанските вооружени сили влегоа во зоната на одговорност на рускиот мировен контингент во Нагорно-Карабах од 24 до 25 март и воспоставија пункт за набљудување, се вели во соопштението руското Министерство за одбрана.

Министерството за одбрана на Азербејџан ги отфрли тврдењата на Москва и ја опиша руската изјава како „еднострана“.