Досега неколку пати сме зборувале и ставот, којшто е прифатен во светот, е дека и граѓаните коишто ја имаат прележано болеста, треба да се вакцинираат, изјави директорот на Институтот за имунологија, д-р Александар Петличковски за ТВ 24.

– Нема дилема дека помината болест остава имунитет и тој имунитет трае скоро шест месеци, но е варијабилен и од човек до човек не се создава иста количина на антитела и иста активација на клеточниот имунитет. Од тие причини, се предлага да се оди и со вакцинација која ќе го засили и униформно ќе го стимулира имунитетот кај граѓаните кои имаат прележано ковид, вели тој.

Како што вели д-р Петличковски, се препорачува вакцинација и на оние кои прележале, но не се советува анализирање на антитела бидејќи ја нема таа бројка, таа концентрација на антитела која би претставувала контраиндикација за вакцинација.

– Количината на антителата не игра улога во препораката за вакцинирање, туку повеќе игра улога времето кога е помината вакцинацијата. Терминот којшто се советува да се запази после помината болест е до шест месеци. Во рамките на овие шест месеци, се препорачува вакцина и на луѓето кои ја поминале болеста, објаснува д-р Петличковски.