Младите мора да бидат задоволни од грижата на државата кон нив и од можностите кои им ги обезбедува за остварување на личните и професионални цели. Само на тој начин ќе бидат доволно мотивирани да останат во сопствената земјата и да го реализираат својот потенцијал, што ќе значи и придонес кон севкупниот општествено економски развој. И мислам дека сликата постепено ја менуваме, со тоа што младите во последните неколку години интензивно се вклучуваат во креирањето на политиките кои ги засегаат, а со кои точно се одговара на сите нивни потреби. Така и субвенционираниот студентски оброк, воведените нови стипендии и зголемените износи на постојните се резултат на нивни барања.

Ова го истакна министерката за образование и наука за време на денешната средба со претставниците на студентските собранија и парламент на најголемата и најстара високообразовна установа во државата, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, на која се разговараше за тековните политики и идни планови на МОН и Владата за унапредување на студентскиот стандард.

Царовска рече дека субвенционираниот студентски оброк е системско решение уредено со закон, со кое на младите значително им се олеснува животот за време на студирањето, затоа што, според проценките на МОН, на околу 40.000 студенти им следува правото да добијат по 2400 денари за 9 месеци во годината, што ќе можат да ги користат за купување здрави оброци.

„Со оваа мерка, младите имаат една грижа од финансиска природа помалку за време на студирањето и ќе можат повеќе да се посветат на суштината на процесот на едукација“, рече Царовска потсетувајќи дека аплицирањето е во тек и дека рокот за пријавување за тековните студенти е од 1 до 31 август 2021 година, додека за кандидатите кои ќе се стекнат со статус на студенти во академската 2021/2022 година и кои не го запишале летниот семестар, рокот за пријавување е од 1 до 31 октомври 2021 година.

„Процесот е дигитализиран, односно пријавувањето се спроведува електронски преку порталот www.e-uslugi.mon.gov.mk и многу едноставно, со прикачување на само два документи – пријава и изјава за точност на податоци и се наведуваат податоци за лична трансакциска сметка“, додаде Царовска.

Министерката потсети дека наскоро ќе следува и аплицирање за остварување на правото на студентска стипендија, а годинава МОН и Владата одлучија политиката на стипендирање значително да ја променат, за да се обезбеди што поголема поддршка на поголем број млади кои студираат на додипломски, постдипломски и докторски студии во државата.

„Годинава значително ги зголемивме износите на постојните стипендии. Сега сите се во висина од 6050 денари месечно и тоа за некои категории значи зголемување за над 80% од износот кој се исплаќаше досега. Непроменети останаа само стипендиите за студенти запишани на студии по математика, хемија и физика кои и натаму ќе добиваат по 18.000 денари месечно“, рече Царовска.

Таа информираше дека за прв пат се воведени и стипендии за трет циклус на студии за одредени дефицитарни струки, за што се предвидени 15 стипендии од по 18.000 денари за 12 месеци во годината, а по цела една деценија, повторно достапни се и стипендиите за постдипломски студии во државата, за што е предвидено да се доделат 50 стипендии од по 9.000 денари за 9 месеци во годината.

На средбата со студентите присуствуваa декани и продекани на неколку факултети во состав на УКИМ, како и претседателката на Универзитетското студентско собрание, Ева Цветковска.