Министерката за образование и наука Мила Царовска денеска на средба со студентите од Универзитетот “Гоце Делчев” во Штип истакна дека изминатата година се направени две крупни промени кои се однесуваат на унапредување на студентскиот стандард и верува дека задоволството од овие промени ќе се зголемува кај студентите.

“Грижата и посветеноста на Владата кон младите се гледа во политиките кои ги спроведуваме. Воведовме субвенциониран студентски оброк за сите редовни студенти од државните и приватните Универзитети. Аплицирањето за оваа субвенција која е во висина од 2.400 денари месечно е во тек. Пријавување за тековните студенти е до 31 август, додека студентите од новата академска година и оние кои не го запишале летниот семестар може да се пријават до 31 октомври. Препораката е средствата кои ќе се уплаќаат директно на сметките на студентите да се користат за набавка на здрав оброк. Втората важна промена е унапредивме политиката на стипендирање. Воведовме низа нови категории на стипендии, а воедно го зголемивме и износот на постојните. Некаде зголемување е дури и за над 80%“, рече Царовска.

По однос на промените во политиката на стипендирање ученици и студенти, министерката рече дека имаат за цел младите навистина да ја почувствуваат поддршката која ја добиваат од државата. Зголемена е понудата на стипендии преку воведување на нови категории, односно се доделуваат 25 различни видови стипендии и најважно, ги зголемуваме износите на некои од постојните речиси двојно, што досега не се случило.

“ Студентските стипендии се зголемуваат на 6.050 денари, со исклучок на стипендиите за студенти запишани на математика, хемија и физика кои и натаму ќе добиваат по 18.000 денари месечно. Воведуваме и стипендирање на втор и трет циклус на студии во државата. За прв пат воведуваме стипендии за трет циклус на студии за одредени дефицитарни струки. Доделуваме 15 стипендии од по 18.000 денари за 12 месеци во годината, а ги вративме по цела една деценија и стипендиите за постдипломски студии во државата и доделуваме 50 стипендии од по 9.000 денари за 9 месеци во годината. Конкурсите се објавени предвреме за сите да имате доволен период за обезбедување на потребната документација и во соодветните рокови да аплицирате и да го остварите своето право”, рече министерката.

Покрај Царовска, на средбата присуствуваше и ректорот на Универзитетот “Гоце Делчев”, проф. д-р, Блажо Боев, и претседателот на факултетското студентско собрание на Филолошкиот факултет при УГД, Ване Дериволов.