Основните и средните училиштата се подготвени за примена на Планот и Протоколите за настава со физичко присуство од први септември. Тоа не е ништо ново, бидејќи и минатата година околу 40 % од вкупниот број ученици следеа настава во училници и за среќа немавме трансмисија на вирусот во училиште. Лани за физичко присуство беа отворени сите основни училишта за учениците од прво до трето одделение. Во помалите места настава со физичко присуство посетуваа и учениците до девето одделение, а се одвиваше и практична настава во средните стручни училишта. Ова го истакна министерката за образование и наука Мила Царовска, вечерва во гостување во Дневникот на Националната телевизија.

„Годинава за првпат со примена на Планот и Протоколите ќе се соочат поголемите гимназии во државата кои лани работеа исклучиво онлајн. Секако, Министерството за образование и наука е тука да им помогне во координација на целиот процес.Училиштата мора да покажат дека се на ниво на задачата. Протоколите се јасни, носење на маска во училница, постојано дезинфицирање на просториите, излегување на учениците на големите одмори во дворот за да може да ги извадат маските“, рече министерката Царовска.

Министерката истакна дека МОН и Владата ги следат највисоките интереси на децата , а тоа е да бидат во училница.
„Се залагаме за настава со физичко присуство, но и како секоја сериозна држава имаме и уште две резервни сценарија, кои ќе се применуваат, доколку се појави потреба, за што ќе одлучи Комисијата за заштита од заразни болести. Ја имаме националната платформа за онлај учење која беше воспоставена минатата година и веднаш можеме да преминеме на онлајн учење доколку се појави таква потреба“, рече Царовска.