Признанија за посебен придонес во афирмацијата на македонистиката за директорите на МСМЈЛК при УКИМ од основањето до денес и за лекторот кој најдолго се посвети на развојот на МСМЈЛК при УКИМ

Чествувањето на Денот на македонскиот јазик – 5 мај ќе започне на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (УКИМ). Со настан во целост посветен на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при УКИМ (МСМЈЛК при УКИМ), кој е главен придвижник и стожерник на развојот на македонистиката на странските универзитетски центри.

На настанот кој ќе се одржи денес, во Ректоратот на УКИМ, со почеток во 10:30 часот ќе се обрати ректорот на УКИМ, проф. д-р Никола Јанкуловски, вредносно осврнувајќи се на постигнатото од МСМЈЛК при УКИМ во остварувањето на неговата цел од основањето во 1967 година до денес кога е централно академско јадро на меѓународната афирмација на македонскиот јазик, литература и култура.

За посебен придонес за афирмација на македонистиката, УКИМ ќе додели признанија на универзитетските професори – директори на МСМЈЛК при УКИМ од основањето наваму: акад. Александар Спасов (постхумно), акад. Божидар Видоески (постхумно), проф. д-р Томе Саздов (постхумно), проф. д-р Кирил Конески (постхумно), проф. д-р Томислав Тодоровски, проф. д-р Коста Пеев, проф. д-р Максим Каранфиловски, проф. д-р Емилија Црвенковска, проф. д-р Славица Велева и проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, која со МСМЈЛК при УКИМ раководи од 2019 година. Признание ќе биде доделено и на лекторот кој досега најдолго се посвети на развивањето на дејноста на МСМЈЛК при УКИМ, Роза Тасевска.

Повод за доделување на признанијата е јубилејната, 50. Меѓународна научна конференција на МСМЈЛК при УКИМ која ќе се одржи годинава. Конференцијата на МСМЈЛК при УКИМ е научен собир за јазик, национална литература и култура кој по континуитетот на одржување, по бројот на изданија и по бројот на објавени зборници е единствен не само во земјава, туку во целиот регион. Таа е и конкретна потврда дека МСМЈЛК при УКИМ веќе пет децении е двигател на странската македонистичка научна мисла, имајќи предвид дека токму на оваа Конференција се презентирани најголемиот дел од најзначајните научни трудови на странските македонисти.

Но, причина за самиот настан се остварувањата со кои МСМЈЛК при УКИМ веќе и значајно ја надминува целта со која е формиран во 1967 година. Настанот се одржува токму на 5 мај, и тоа како прв меѓу неколкуте настани со кои ќе се чествува Денот на македонскиот јазик, затоа што МСМЈЛК при УКИМ се издвојува по својата доследност и посветеност во афмирањето на македонскиот јазик, литература и култура, при што постојано се залага и остварува и нови активности значајни за развојот на странската македонистика.

Доделувањето на овие признанија за посебен придонес за афирмацијата на македонистиката, какви што УКИМ доделува за првпат, следи по одбележувањето јубилејот 55 години од основањето на МСМЈЛК при УКИМ минатата година кога успешно беше одржана и 55. Летна школа на која учествуваа околу 60 странски македонисти.

Изминатиот период, МСМЈЛК при УКИМ значајно ги зголеми своите активности, остварувајќи значајни резултати во развојот на странската македонистика.

Со настанот, УКИМ и упатува порака дека развојот на странската македонистика е и ќе биде еден од неговите приоритети, заради што МСМЈЛК при УКИМ има и ќе има и целосна поддршка во афирмацијата на македонскиот јазик, литератра и култура на меѓународен план.

Со активностите на МСМЈЛК, УКИМ и се издвојува меѓу универзитетите во земјава како единствен по влогот во развојот на странската македонистика и воопшто на изучувањето на македонскиот јазик, литература и култура ширум светот.