Народната банка упатува честитка до сите граѓани по повод Денот на независноста. Текстот на честитката е во продолжение на оваа поракаЧ

Почитувани,

Денешниов ден е потсетник на нашата волја и храброст да се исправиме пред сите предизвици и цврсто и безрезервно да се изјасниме за самостојна и суверена, современа македонска држава. Три децении, генерации граѓани ги вложуваат своето знаење, умеење, своите лични вредности во градењето на современо, демократско, стабилно и праведно општество. Овој јубилеј е прилика да се потсетиме дека во изминатите години несомнено направивме големи чекори во градењето институционален поредок и општество со вистински вредности. Но, истовремено, овој ден треба да биде потсетник за потребата од објективно и критично согледување на постигнатото и за трасирање на патот кон подобро општество, изградено врз фундаментални вредности. Вредности коишто за младите поколенија ќе бидат водилка и ќе ги поттикнат да го градат својот свет во сопствената држава. Сите наши усилби, лични и институционални, бескомпромисно треба да ги зајакнуваат темелите на македонската држава со вредности, однесување и делување, коишто ќе донесат поголема благосостојба за сите граѓани.

Народната банка е институција којашто е важен дел од мозаикот на нашата независност и симбол на монетарниот суверенитет. Монетарното осамостојување и воведувањето на македонската национална валута беа суштински дел од процесот на воспоставување суверена држава. Во таа смисла, пак, Народната банка ја одигра клучната улога во создавањето на денарот. Веднаш по прогласувањето на самостојната македонска држава, а непосредно по донесувањето на Уставот на државата, започнаа активности за воведувањето на националната парична единица. Нашата институција успеа да ја исполни својата нова функција како емисиона банка со вонредни напори и за релативно кратко време и да ѝ овозможи на државата да ја организира сопствената национална економија. Оттогаш, Народната банка во континуитет го зајакнува својот капацитет и се профилира како современа централна банка, којашто во својата мисија ги вградува сите современи стандарди и принципи на работење. Денес, имаме централна банка којашто се препознава како модерна, динамична институција, којашто проактивно делува во централнобанкарската заедница и пошироко.

Почитувани граѓани,

Дозволете, на овој свечен ден, кога се одбележува 30-годишниот јубилеј од осамостојувањето на современата македонска држава, да упатиме искрена честитка до сите граѓани, означувајќи го така значајниот датум 8 Септември 1991 година, кога успешно беше одржан Референдумот за граѓанско изјаснување за самостојна современа македонска држава. Ова е време да ја повикаме нашата лична, но и институционална меморија и да се присетиме на времето и околностите во коишто беше создаден суверенитетот на нашата држава, но и на нашите должности во создавањето просперитетно и подобро општество.