Во пресрет на изборното Собрание на Здружението на новинари на Северна Македонија, што ќе се одржи утре, 3 декември, во хотел Александар Палас во Скопје, ЦИВИЛ Медиа разговараше со кандидатите за претседател на здружението.

Младен Чадиковски, Филјана Кока и Марјан Николовски, во изборната трка излегоа со свои програми за подобрување на новинарството, медиумскиот простор, но и на законските регулативи што во принцип треба да придонесат кон враќање на професионализмот во професијата.

Во интервјуата за ЦИВИЛ Медиа тројцата кандидати одговараа на прашањата каква е состојбата во македонските медиуми и што во своите програми ќе понудат како иновација и новитет со што ќе го привлечат вниманието на медиумските работници да им ја изразат довербата-иден претседател на ЗНМ.

Состојбата во македонските медиуми
Според Чадиковски состојбите во новинарството во земјава се комплексни од повеќе аспекти.

„Состојбата во Скопје и во локалните и регионалните медиуми не е иста. Во следниот период треба да се обрне внимание како го негуваме професионалното новинарство во дописништвата, бидејќи темите од локално и регионално ниво не секој ги работи, особено не новинарите од Скопје, а се од големо значење на луѓето што живеат таму“, вели Чадиковски.

Кока ги адресира актуелните проблеми со кои се соочува медиумската фела, со посочување на Извештајот на европската Комисија за напредокот на земјава, во кој се наведува дека во медиумската сфера се забележува ограничен напредок.

„Не треба многу да се анализира, доволно е само да се погледне Извештајот за напредокот на земјава, од европската Комисија, каде што е нотирано дека во земјата во состојбите во медиумската сфера се забележува ограничен напредок, и тоа не е бадијала. Затоа што во повеќе сегменти немаме напредок, имаме стагнација, па дури и назадување на некои сегменти од таа сфера. За жал, медиумите се сѐ уште поделени по идеолошка, етничка и политичка основа, што е недозволиво за едно здраво демократско општество“, вели Кока.

За Николовски пак состојбата во медиумите е лоша и оди на полошо, што може да доведе до изумирање на новинарството на подолг рок.

„Печатените медиуми речиси исчезнаа има уште неколку кои жилаво се борат за медиумскиот простор. Интернет просторот си ја презема својата улога на доминантен веќе медиумски сервис за граѓаните и на начинот на којшто функционира создава прилично нелојална конкуренција. Медиумите имаат сериозни проблеми, особено проблематичен е начинот на финансирањето, па до социо-економскиот статус на новинарите, снимателите, фоторепортерите, сите медиумски работници“, вели Николовски.

Програмски решенија за подобрување на македонскиот медиумски простор

Формирање на Фонд за медиумски продукти е законско решение на кој ќе работи Здружението на новинари во првите шест месеци од новиот мандат, вели Чадиковски, со цел да се подигне и квалитетот на сите медиуми.

„За овој Фонд парите би се обезбедиле од Буџетот на Северна Македонија, иако во принцип не сакаме државни финансии да се мешаат во новинарството, но сепак ова се пари на граѓаните и ќе се користат за интерес на граѓаните каква што е оваа наша идеја, особено што ќе биде едно независно тело составено од професионалци би биле евалуатори на она што ќе доаѓа како квалитет за да овие проекти и овие пари дојдат на вистинските места, бидејќи поентата не е да се богатат сопствениците на медиумите, туку да дојдат до оние кои ја креираат содржината“, додаде тој.

Чадиковски додаде дека е потребна и промена на Правилникот на АВМУ, каде што сите медиуми што оперираат на национално ниво ќе имаат услов, за да добијат концесија, да вработуваат минимум 16 луѓе од внатрешноста на земјата, односно 8 плански региони низ земјата да имаат свои записништва.

„Во однос на последните превирања и заложби на одредени медиуми да се врати и Владата којашто неодамна го стави на собраниска седница, членот 102, или законот, за да се вратат владините кампањи. Според мене, државата не смее да биде главен финансиер во медиумите, затоа што на тој начин директно ќе ја диктира уредувачката политика. Има основани сомневања, и докажани претходни ситуации дека ќе се случи партизација на медиумите. Таков вид ињектирање финасиски средства може да има во партиски гласила, не во професионални медиуми“, вели Кока.

Кока додаде дека најбитно во заложбите е да се водиме од саморегулацијата, таа да опстои, да ја ставиме на највисоката точка на агендата новинарската солидарност, да се ангажираме на професионални стандарди и етички норми во нашето работење.

Програмата на Николовски е поделена на три аспекти, структуралноста во функционирањето на ЗНМ, активност и иницијативност – вклученост во процесите.

„Сметам и дека треба да се донесе Закон за МИА за да стане вистинска државна агенција за граѓаните и државата, но не и да биде зависна од Владата. Таа е формирана, се бира, директор, управен, надзорен одбор итн. со одлука на Владата и тоа не е добро за демократијата и за независноста и професионалноста на самата агенција. Мојот став е дека тие треба да се бираат во Собрание, со што поширок легитимитет, па дури и со двотретинско мнозинство“, вели Николовски.

„Мора да се работи на социо-економскиот статут на вработените, и да се регулираат три клучни работи: Не-за плата во новинарството под просечната, Да-за бенефициран стаж, Да-за потпишување на колективни договори“ се накратко програмските цели на Николовски како кандидат за претседател на ЗНМ.

ЗНМ избори

Регистрацијата на учесниците на изборното Собрание ќе трае од 10 часот до 11 часот, а гласањето започнува во 13:35 часот.

Во ЗНМ пристигнаа севкупно (47) кандидатури, од кои (3) за Претседател на Здружението, (24) за членови во Управниот одбор, (9) за членови на Надзорниот одбор и (11) за членови во Советот на честа

Биљана Јордановска / извор Civilmedia.mk