Српската премиерка – Ана Брнабиќ смета дека денес, 65 години по Римскиот договор, не може да се каже дека Европа е целосно економски реконструирана и интегрирана, без целосна интеграција, односно како што посочува, опфаќање на Западен Балкан.

„Ние сме опколени од членки на ЕУ и затоа логично е да се прими Западен Балкан во европското семејство на нации колку што е можно побрзо. Тоа е политички економски, но и стратешки исправна одлука. Тоа е за наше добро и за добро на ЕУ. Во ова време ова подеднакво треба да биде важно на нашата агенда како и на агендата на ЕУ. Затоа сакам повторно да ги повикам нашите европски партнери да почнат преговори со Македонија и Албанија колку што е можно поскоро бидејќи тоа е исправно. Исто така, тоа е важно и за нас Србија, затоа што напредувањето на целиот регион кон ЕУ е крајно важно за регионалната безбедност и мирот и економскиот просперитет. Ова е и во политичка и во економска смисла. Србија им дава стопроцентна поддршка на сите наши партнери во регионот да продолжат со преговорите колку што е можно побрзо, ова ја вклучува и БиХ“ – рече Брнабиќ, на панелот „65 години по Римскиот договор: Дали Европа е целосно економски реконструирана и интегрирана?“ – во рамки на Преспа форумот за дијалог во Охрид.

Таа нагласи дека за Србија на економски план двата клучни приоритети се економската соработка со ЕУ и со нашите партнери во регионот, бидејќи над 65 проценти од трговија и инвестициите за земјата е со ЕУ.

„Ако ги оставиме перцепциите на страна мислам дека е јасно дека ЕУ и регионот се таму каде што е нашето срце, каде што се нашите интереси и политички и економски“, рече меѓу другото Брнабиќ во Охрид.

Го истакна и значењето на Отворен Балкан како економски многу важен проект и ги повика сите од регионот кои не се дел од него да и се приклучат.

„Мислам дека тоа ќе влијае на нашите економии со зголемување на нашиот севкупен БДП од над 7 процени. Тоа е уникатна можност. Ако останеме како што сме сега Албанија, Македонија и Србија, ќе биде од 1 – 3 проценти. Се надевам дека и другите ќе го препознаат потенцијалот на Отворен Балкан и ќе ни се придружат. Важен е и политички затоа што ќе им даде сигнал на нашите партнери од ЕУ дека кога ние самите ќе се здружиме ќе правиме работи кои ќе бидат барани од нас кога ќе се зачлениме во ЕУ. Намалување на бирократијата, градење на Балкан без граници, слободен проток на луѓе, стока и капитал и на крај најважната работа – ќе покаже на младите дека ние денес како политичари можеме да создадеме различна иднина и дека и можат да останат на Западен Балкан“, рече таа.