Претседателот на СДСМ Зоран Заев со 11,8 отсто убедливо води пред лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски (7 отсто), покажуваат податоците од истражувањето на агенцијата „Брима“, објави „Слободен печат“. Ова е уште едно истражување во кое Мицкоски со повеќе процентни поени заостанува зад Заев. Меѓу етничките албански политичари, пак, „трката“ е нешто потесна, иако Ахмети со 5,9% и Биљал Касами со 4,4% го предводат „дуетот“ во власта, пред опозиционерите Зијадин Села (4,1%) и Африм Гаши (0,4%).

Граѓаните даваат и поголема поддршка на владејачката СДСМ за разлика од опозициската ВМРО-ДПМНЕ. На прашањето доколку денеска се одржат парламентарни избори за СДСМ би изјасниле 19,5% од испитаниците, а за ВМРО-ДПМНЕ 17,5%. За ДУИ се определиле 7,2%, а за Алијанса за Албанците 6%. Од анкетираните, за Движењето БЕСА се определиле 4,7%, колку и за Левица (4,7%), а последна со рејтинг од над 1% е ДПА за која би гласале 1,1% од анкетираните. Сите други партии се под 1% поддршка меѓу интервјуираните гласачи во ова истражување.

Анализата на податоците покажува и дека постои висока корелација помеѓу партиската определба со определбата за кого анкетираните граѓани би гласале за градоначалник на својата општина на претстојните локални избори. Од испитаниците 19,8% би гласале за кандидат на СДСМ, 17,7% за кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, 7,5% за ДУИ, 5,6% за Алијансата на Албанците, 4,6% за Движењето БЕСА, 3,3% за Левица итн. Занимливо, во овој момент 2,4% се изјаснуваат дека ќе гласаат за независен кандидат, а 8,8% се изјаснуваат дека нема да гласаат. Сепак, околу една четвртина се во категорија „неизјаснети“, односно 13% велат дека се „неодлучни“, 3,7% велат „не знам“, а 7,4% експлицитно „одбиваат да одговорат“.

Редовниот политички барометар на агенцијата „Брима“ за политичките ставови на населението во Република Северна Македонија во пресрет на локалните избори во државата е теренско истражување, спроведено во периодот од 27 август до 9 септември годинава на национално репрезентативен примерок (анкетата е направена според методот лице-в-лице, во домот на испитаникот), со запазување на сите демографски карактеристики на популација од 18+ години во државата, во која се опфатени 1.201 испитаници. Резултатите се со маргина на грешка од +/- 2,8%.