Вкупно 105,4 килограми марихуана, 126 литри прекурзори и 66.144 парчиња лекови биле запленети во 2023 година кога бројот на случаи на спречен шверц и нелегална трговија бележи раст од 29 проценти во однос на претходната година. Притоа запленети се и девизи со вредност од вкупно 438 илјади евра, средства кои одат во Народна банка и Буџетот. Меѓу заплените беа и транспортни возила специјално конструирани за шверц, а во еден случај со одлука на суд беа одземени 17,7 тони тутун во лист, товарно моторно возило-влекач и полуприколка во вкупна вредност од 7 милиони денари.

„Еден од главните приоритети е нула толеранција кон шверцот и организираниот криминал. Видливите резултати во овој дел значат просперитет и значат побрз влез во ЕУ, а резултати веќе има – заплените во 2023 се зголемени за точно 29 проценти, а поднесените кривични пријави за 60 проценти“, вели директорот на Царинска управа, Стефан Богоев.

Со акцијата во декември во која беа запленети 126 литри прекурзори за производство на дроги беше разбиена посериозна мрежа која имала лабораторија на територија на државата. Против лицето беше поднесена кривична пријава до надлежното Основното јавно обвинителство за сторено кривично дело „Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори“ казниво по член 215 од Кривичниот законик. Со одлука на суд против истиот беше одредена мерка притвор.
Кривични пријави беа поднесени и против сторители за шверц на 50 тони дизел гориво декларирано како базно масло, а кое било транспортирано во две товарни моторни возила – цистерни.
За различни кривични дела во 2023 година беше поднесена вкупно 51 кривична пријава, што е за 60 проценти повеќе од 2022 година.

За кривично дело криумчарење, се поднесени 15 кривични пријави за 16 физички лица, за неовластено производство и пуштање во промет на наркотици 5 кривични пријави, против 7 физички лица, додека за даночно затајување 3 кривични пријави, против 3 правни и 3 физички лица.

Царинската управа во рамки на своите надлежности е силно посветена кон заштита на финансиските интереси на државата и безбедност на општеството и граѓаните.