„Не смееме да влегуваме во замката на историјата. Историјата не треба да ни биде сопка, туку врз неа треба да градиме мостови за пријателство. За неколку месеци граѓаните ќе почувствуваат директен бенефит од овие работни групи со Бугарија, за кои жалам што ВМРО-ДПМНЕ ја одби поканата да се вклучи во нив“ кажа потпретседателот на СДСМ, Стефан Богоев во емисијата „24 анализа“ на ТВ24.

Тој додаде дека разговорите со Бугарија ќе придонесат за опипливи работи за македонското и бугарското стопанство, културни работници и за граѓаните на двете земји.

„Сметам дека треба да има поконструктивен пристап од ВМРО-ДПМНЕ во сите процеси, не само со Бугарија, туку и за енергетската и здравствената криза. Редно е да делуваме заедно и да не гледаме да извлекуваме политички поени од секоја ситуација“ кажа Богоев.

Тој додаде дека не може опозцијата да биде целосно игнорирана од тоа што се разговара со Бугарија, бидејќи се што ќе биде договорено ќе мора да помине и биде потврдено во Собранието од страна на сите пратеници.