„Премиерот Димитар Ковачевски ја повика ВМРО-ДПМНЕ, како најголема опозициска партија, на партиципативно раководење, односно конструктивно да се вклучи во решавање на најголемите проблеми. За жал, од нивна страна повторно слушаме само уценувања и условувања, а не слушаме предлози“ кажа потпретседателот на СДСМ, Стефан Богоев во „Утрински брифинг“.

Тој додаде дека ВМРО-ДПМНЕ нема никакви конструктивни предлози за енергетската криза, за здравствената криза, па ни за преговорите со Бугарија.

„За преговорите со Бугарија слушаме едно во јавност, додека бугарската делегација не е тука, а кога доаѓа таа и се сретнува со Мицкоски, слушаме омекнат тон“ кажа Богоев.

Тој додаде дека ќе му биде мило доколку опозицијата даде поддршка на процесите, бидејќи исходот од преговорите ќе има подолгосежни бенефити за државата и за евроинтеграциските процеси.

„За време на преговорите со ЕУ, па и членството, ќе се менуваат владите, добро е сите да се вклучени во процесите, бидејќи ова е стратешки добро и корисно за државата. Здраво е ВМРО-ДПМНЕ да се вклучи во сите процеси, но и со свои идеи да допринесе и за здравствената и енергетската криза“ кажа Богоев.