„Како што се доближуваме до отворањето на поглавјата, како се наближува ноември ќе се кристализираат работите на политичката сцена и ќе стане јасно кој е про-ЕУ и западна интеграција, а кој е за некаква происточна интеграција или соработка со Русија или далечниот и блискиот исток“ изјави потпретседателот на СДСМ, Стефан Богоев во „Студио 10“ на ТВ24.

Тој додаде дека иако Алтернатива излегува од Владата очекува сериозна поддршка за уставните измени, што тие и јавно го кажаа, а поддршка во тој процес, Богоев рече дека очекува и од партијата Беса.

„Очекувам клучна улога да играат индивидуалци и помали групи во ВМРО-ДПМНЕ кои по наши информации на средби со дипломатски претставници и политички средби во затворени кругови искажуваат позитивни мислење. И тие сметаат дека сега е кај нас топката за продолжување на евроинтеграциите и дека се зависи од нас“ рече Богоев.

Потпретседателот на СДСМ рече дека има проевропски луѓе во ВМРО-ДПМНЕ и дека ќе биде трагично и жално ако сите во ВМРО-ДПМНЕ застанат на анти-ЕУ страната.

„Ќе има поголема структура на луѓе кои ќе застнат про ЕУ во ВМРО-ДПМНЕ. Можеби се плашат дека ќе бидат плукани и напаѓани од Мицкоски, но тоа е привремено. На мака се познаваат јунаците, а тие ќе бидат запаметени дека биле на вистинската страна во клучните моменти“ рече Богоев.