СДСМ е вистинскиот глас на жените, политичка сила која ги менува работите во општеството и ја подобрува положбата и статусот на жената, рече потпретседателот на СДСМ, Стефан Богоев на денешната трибина „Еднакви, активни, гласни“ по повод Меѓународниот ден на жената, 8-ми март.

Тој додаде дека политиките на СДСМ во однос на унапредувањето на родовата еднаквост, на економска и општествена поддршката на македонската жена и на унапредување на правата и можностите на жените се константни, и дека Владата предводена на СДСМ успеа да направи значителни промени.

„Не сме отстапиле ниту милиметар од она што го зборувавме, и што е поважно, она за што сме се залагале како опозиција. Владата предводена од СДСМ во голем дел го има реализирано. Секако, треба да се работи уште многу, се уште има теми. Но горди сме што сето она за што се залагавме, на улиците, за време на протестите, за време на отпорот, Шарената револуција, сите заедно, а се однесува на унапредување на положбата на жената сме успеале да направиме значителна промена во нашата држава“ рече Богоев.

Потпретседателот Богоев посочи дека жените хероини и во СДСМ и надвор од партијата заеднички со својот став, решителност и гласност, успеале да се изборат за демократски промени во кои жената е рамноправна, гласна и почитувана. Затоа денеска може да говориме што е следно што треба да се направи

-Во нашата држава и во СДСМ има вистински хероини. За жал или за среќа имав можност токму таквите жени хероини да ги видам на еден немил настан, на 27 април во Собранието. Таму имаше храбри жени пратенички, но имаше и храбри жени новинарки. Заедно ја водевме таа битка за демократија, заедно биевме битка за да може денеска овде, во слобода и демократија да зборуваме за спроведените мерки и политики но и за она што треба да се направи во иднина, рече Богоев.