Досега не се исплатени средства кон компанијата и првата исплата на средства би бил авансот за почеток на градбежните работи и секој денар исплатен до Јавното претпријатие за државни патишта, а потоа и до изведувачот ќе биде објавен на „Отворени финансии“, кажа министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, во одговор на прашање за исплатата кон „Бехтел и Енка“.

-Во однос на обвинувањето од опозицијата за плаќање пенали, тоа е апсолвирано прашање и повторувам дека немаме никаква исплата, а првата исплата ќе биде авансот, кажа министерот.

Што се однесува до измените во Законот за градење, Бочварски кажа дека има нов систем и постапка за градење и прво ќе се одобрува урбанистичкиот проект што ќе ја утврдува трасата.

-Потоа започнува постапката за експропријација на земјиштето. Бидејќи станува збор за фазно градење и проектирање на поедини делови од една делница, тогаш не може државата да издава десет пати одобрение за градење за една иста делница. Затоа за основниот проект, со ревизија, ќе биде запазена процедурата, при што ќе биде доставен, технички исправен потврден од инженери статичари. Во делот на механичката отпорност и стабилност исто така ќе биде потврден целиот проект, но целиот проект предвидува фазно градење и затоа со измените се предвидува нов модел којшто ќе предвиди побрза градба на коридорите, кажа Бочварски.