Сите патишта околу Штип се градат или се веќе изградени, кажа претседателот на Комисијата за транспорт на СДСМ, Благој Бочварски на партиската трибина во градот. Тој додаде дека со Радовиш во втора фаза е изградбата на експресниот пат, исто така кон Кочани, а патот кон Пробиштип е готов, вклучително и обиколницата на градот.

-Изградивме и детска градинка, нов мост на река Бреганица, кружен тек кај Алумина со нова улица, во финална фаза е затворениот базен, направивме две паркинг платформи, а се гради и стадионот во Штип, рече Бочварски, додавајќи дека реконструирани се сите училишта, градинки и спортски сали во градот.

Тој кажа дека благодарение на локалната самоуправа фудбалскиот клуб Брегалница игра во првата лига и победува во таа лига, затоа што го нашле вистинскиот начин за менаџирање заедно со приватен инвеститор.

-Најкомплексен проект беше браната на река Отиња, а ВМРО-ДПМНЕ се плашеше да ја спомене, а не па да ја гради. Денеска таа брана се гради и ве уверувам дека ќе биде изградена пред финалниот рок. ВМРО-ДПМНЕ никогаш не сработи ништо добро за градот, заклучи Бочварски.