Американскиот државен секретар Ентони Блинкен, на состанокот со премиерот Димитар Ковачевски во Вашингтон потенцирал дека САД високо го ценат придонесот на Република Северна Македонија во регионалниот контекст, но пред се како цврст НАТО сојузник. Блинкен истакнал дека САД ќе продолжат да ја поддржуваат Северна Македонија во нејзините следни чекори високо ценејќи ги досегашните храбри и мудри одлуки кои Владата ги презеде во насока на обезбедување просперитетна иднина во рамки на ЕУ и НАТО.

На средбата на која беше присутен и министерот за надворешни работи, Бујар Османи, премиерот Ковачевски оцени дека двете држави во континуитет негуваат продуктивен политички дијалог и дека Северна Македонија останува стабилен стратешки партнер и докажан сојузник на САД. Двете држави споделуваат длабоки врски, засновани на заедничка почит на демократските вредности и човековите права и ваквите односи ќе продолжат да се развиваат со уште посилна динамика.

Блинкен ја пренесе силната долгогодишна поддршка на претседателот Бајден на регионот и особено на Северна Македонија, со надеж дека земјата ќе ги искористи можностите кои се пред неа, а на тој пат, државниот секретар потенцираше дека САД ќе стојат цврсто со Северна Македонија, потенцираа од владината прес-служба.

Претседателот на Владата, Димитар Ковачевски истакнал дека Северна Македонија добива силна и континуирана поддршка од САД во остварувањето на стратешките цели од прогласувањето на независноста до денес.

Премиерот изразил искрено задоволство од успешното започнување на Стратешкиот дијалог со САД, што е нова одредница во нашите пријателски односи, подобрување на взаемните политички, економски и други форми на дијалог, образовни и културни врски. Според Ковачевски тој дијалог е од интерес на двете земји за конкретизирање на соработката во сите сфери од заемен интерес.