Американскиот државен секретар, Ентони Блинкен, изјавил дека Вашингтон нема да дозволи ништо да застане на патот да ѝ го испрати на Украина оружјето што ѝ е потребно во борбата против Русија, пренесуваат американските гласила.

Тој рекол дека САД размислуваат какво ново оружје би можеле да ѝ испратат на Украина.

Блинкен изјавил дека САД го одржуваат и го зајакнуваат притисокот врз Русија предупредувајќи дека има поверодостојни извештаи за тортура, силување и убиства извршени од руските сили во Украина.

Обраќајќи им се на новинарите во седиштето на НАТО по состанокот на министрите за надворешни работи, Блинкен, изјавил дека постои растечка коалиција на земји со Украина и против Русија.

„Го одржуваме и го зголемуваме притисокот врз Кремљ и неговите соседи“, рекол Блинкен.

Додал дека Русија мора да одлучи дали сака да се вклучи во значајна дипломатија со Украина.

Блинкен изјавил дека пријавените убиства на цивили во украинскиот град Буча не се главниот фактор во мировните преговори, но дека пресудна е пресметката на рускиот претседател Владимир Путин.