Спорот со Хеленик петролеум не е нов, туку стар спор, кој произлегува од Договорот за приватизација на ОКТА и за жал пред да истече тој е раскинат, кажа вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи во гостувањето во „Само вистина“.

-Тоа е понатаму основ по билатералниот договор за заштита на инвестиции Хеленик петролеум да покрене втора тужба, иако за истата работа веќе имаме платено отштета, но со втората арбитража покажавме дека Хеленик петролеум не е во право во однос на отштетните барања, кажа Битиќи.

Тој информира дека Хеленик петролеум побарувал 32 милиони евра заради непродаден мазут.

-Но, ние докажавме дека ОКТА не биле во можност да произведат онолку мазут колку што навеле, па затоа штетното барање е намалено. Исто така, за затезната каматна стапка нивното побарување е 5%. Тоа не е досудено, бидејќи каматната стапка е тогаш негативна, што оди во полза на државата. Тоа што тие го побараа како судски трошоци им е преполовено. Секако ќе мора да платите, но секој еден денар заштеден е победа, иако се настанало како последица на неодговорно работење на претходни носители на функции, вели Битиќи.

Според него одлуката на арбитражниот суд не е конечна.

-Адвокатите разговараат кои би можеле да бидат следните чекори, дали спогодбено решение или дали остануваме на крајната одлука на судот од 25 милиони евра. Можеби преку спогодба оваа сума може да се намали, за што од Хеленик петролеум има добра волја, рече Битиќи.