Како Влада креиравме конкретни мерки кои се насочени кон младите, потенцира вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи на дебатата за Националната стратегија за младите. Тој истакна дека оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2023 година е насочен кон креирање нови работни места и зголемување на можностите за вработување на младите.

-За оние до 23 години возраст кои работат во производство воведовме дополнителен додаток на плата од 3.000 денари. Како Влада правиме сѐ за младите да останат овде и да препознаат реални шанси за личен успех. Со изработката на Националната развојна стратегија 2022-2042 како Влада пред младите за прв пат нудиме јасна слика и визија за иднината на нашата земја во следните 20 години, во која тие може да ги препознаат своите потреби и интереси, можности за личен индивидуален развој. Процесот на креирање на Националната развојна стратегија го спроведуваме преку изграден сензибилитет за вештините и способностите што треба да ги креираме како општество за постигнување на целите за одржлив развој на нашата држава, со што и целите и намерите на Националната стратегија за млади 2023-2027 се комплементарни. Градењето на институционални капацитети за одговор на краткорочните и долгорочните глобални предизвици на кои како држава сме и ќе бидеме изложени не може да го заобиколи ниту развојот на младинските потенцијали, кажа Битиќи.

Тој нагласи дека најважниот сегмент на кој Владата неуморно работи, а кој отвора реални можности за напредок и развојни перспективи за младите, е забрзување на евроинтегративните процеси.

-Искрено остануваме посветени во напорите Северна Македонија да ја изградиме во европски дом за младите, во кој тие системски ќе бидат вклучени во креирањето и спроведувањето на јавни политики. Владата со сите своите капацитети максимално ќе се посвети во давањето на неопходната институционална поддршка во имплементацијата, мониторингот и евалуацијата на оваа стратегија, кажа Битиќи.