„Има партии кои пред изборите имаат интерес цените да се качат. Како што сум кажал и претходно, како одеднаш, недела дена по нов министер за внатрешни работи излезе дека имаме фиктивни 30 до 50 илјади термини закажани. Моето логично прашање беше како исдпана овие фиктивни термини? Да не беа тоа намерно закажувани за да покажат неспособност?“ запраша вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи во „360 степени“ на МТВ.

Тој додаде дека година дена една политичка партија најавуваше предвремени избори, поради што јавната администрација има тн. бел штрајк во кој институциите не функционираат целосно, бидејќи некој внатре опструира.

„Година и пол точките кои доаѓаа на разгледување во Комисијата за економски систем и тековна економска политика беа толку малку, што дури беа и стари точки. Некој ги држи намерно некаде во системот“ рече Битиќи.

Вицепремиерот додаде дека паралелниот систем на ВМРО-ДПМНЕ е толку јак, во и надвор од институциите, бидејќи знаат како да ги држат нивните луѓе во системот.

„Ние како СДСМ не функционираме на паралелен систем. Ние сме тука да градиме држава и институции, а тие што граделе паралелен систем веројатно нема да им дозволиме да се вратат за да го стават во функција. Тие може да прават опструкции од секаков вид, но граѓаните нема да дозволат да имаме паралелни системи на владеење“ рече Битиќи.