„Според проекциите со сегашните параметри и новата договорена методологија за усогласување на минималната плата, до 2026 година таа ќе достигне 22 илјади денари, без дополнителни интервенции“ кажа вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи во „Утрински брифинг“.

Тој додаде дека најголемиот успех од социјалниот дијалог со работодавачите и работниците е постигнатиот договор за методологија за усогласување на минималната плата, според која таа ќе расте согласно инфлацијата, но и растот на просечната плата и никогаш нема да биде помалку од 57 отсто од нивото на просечната.

„Синдикатите имаа одредени барања, но немаа барање околу методолгија за усогласување. Работодавачите, пак, имаа предлог за ваква методологија. Ние зедовме половично од нивниот предлог, видовме што е најодржливо и до конечниот резултат стигнавме како склоп на различни ставови“ кажа Битиќи.

Тој додаде дека единствениот начин за успех е дијалогот и дека мора да се разговара со сите засегнати страни, за да се постигне заедничко и одржливо решение.