„Ако цените на основните суровини паѓаат, не може цените на производите да останат исти. Цените ќе треба да паѓаат. Како што презедовме мерки за основните прехранбени производи – леб, тестенини, млеко и млечни производи, навестивме и за низа други продукти. Ќе ги следиме и другите производи и ако трговците и производителите сами не реагираат – има јасна порака од Владата: граѓаните нема да ги оставиме сами и ќе донесеме одлука во интерес на граѓаните“ рече вицепремиерот Фатмир Битиќи во „Студио 10“ на ТВ24.

Тој додаде дека не е намерата на Владата да нанесе штета на некого, но исто така истакна дека нема да се дозволи да се користат јавни средства во име на субвенции за нешто, а штетата да оди на грбот на граѓаните.

„Интересот на граѓаните и заштитата на животниот стандард на граѓаните мора да биде на прво место. И тоа ако не е јасно еве ќе го повторам пак, во секоја една криза тоа е клучно, а ќе има време кога ќе се генерираат профити“ рече Битиќи.

Вицепремиерот додаде дека Владата изминатите години донесе доста иницијативи и мерки за помош на стопанствениците и инвестиции со цел да се подобри нивната ликвидност и да не останат сами.

„Но, во во ваков вид на криза во која што имаме војна, во која што се нарушени сите вредносни баланси, особено се погодени граѓаните, и се зборува дали ќе имаме доволно прехранбени продукти и со која цена, не можеме да дозволиме да граѓаните се тие кои што на крај ќе ја платат највисоката цена. Велам, ќе има време кога стопанствениците дури и да има одредена мала штета во овој момент, ќе се вратат и ќе генерираат добивка, па и со поддршка од страна на државата. тоа е заедничкиот начин како се решава криза“ рече Битиќи.