Заменик-претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за економски прашања, координација на економските сектори и инвестиции, Фатмир Битиќи, денеска се обрати на панел дискусија, дел од Социо-еколошкиот форум (СЕФ) во организација на фондацијата „Фридрих Еберт“, меѓународниот центар „Олоф Палме“ и Прогрес – институтот за социјална демократија.

Панел дискусијата на која се обрати вицепремиерот Битиќи е на тема „На демократијата и се потребни демократи а на енергијата демократизација“.

Во продолжение ви го праќаме интегралното обраќање.

„Чест и задоволство ми е да ви се обратам денеска на овој Социо-еколошки форум во Скопје организиран од фондацијата Фридрих-Еберт (ФЕС), меѓународниот центар Олоф Палме и институтот за социјална демократија Прогрес.

Во Европа, енергетската криза, со наглото зголемување на цените на гасот и електричната енергија од почетокот на војната во Украина, доведе до тоа многу компании да стравуваат од големо зголемување на нивните сметки за енергија и последователно губење на конкурентноста на цените со нивните конкуренти во други земји, особено САД и Кина.

Високите производствени трошоци се голем предизвик за производителите и несомнено влијаат на тоа како компаниите ќе ја одржат својата конкурентност а со тоа, како ќе бидат третирани нивните вработени.

Според економската литература, трошоците за енергија значително влијаат на деловната активност, зголемувањето на цените на енергијата од 1% е поврзано со намалувањето на деловните инвестиции за 1,2% во Европа. Цените на бензинот исто така се зголемија многу повеќе во Европа отколку во САД, главно поради тоа што Европа е повеќе погодена од недостигот на снабдување од Русија.

Значи, сега повеќе од кога било, Европа и нашиот регион се соочуваат со историски предизвик за обезбедување на еластично снабдување со енергија и одржлива економија и воспоставување релевантна климатска политика. Ова може да се случи само ако членките и земјите аспиранти работат заедно – поврзувајќи се преку размена на знаење и иновации.

Или како што често велам, треба да работиме кон меѓузависност наместо зависност.

Ова е особено важно за нашиот регион, особено за Северна Македонија, како силно поврзана со европскиот пазар.

Прво, европските земји се клучни извозни дестинации во Северна Македонија, а нашите најголеми трговски партнери се Германија, Велика Британија, Грција, Србија и Бугарија.

Второ, најголем дел од нашите СДИ ги добиваме од европските земји. Главните земји кои инвестираат во Северна Македонија се Велика Британија и Австрија, а потоа следат Грција, Холандија и Словенија.

Но и покрај тешките околности на оваа енергетска криза, Европа е на траекторија да го демократизира производството и користењето енергија, а овој тренд е нешто што и треба на Северна Македонија и јас целосно го поддржувам, бидејќи праведната транзиција е совесен избор за секоја влада.

Европските граѓани веќе играат активна улога во енергетските системи, на различни нивоа и се организираат во национални енергетски здруженија, особено преку Европската федерација REScoop.

И бидејќи Европскиот парламент неодамна ја одобри новата Директива за обновливите извори на енергија која им обезбедува на поединечните граѓани и заедници еднакви услови за учество и корист од енергетската транзиција. Тоа ќе им овозможи на околу 45% од сите домаќинства во ЕУ да ја произведуваат својата обновлива енергија до 2050 година. Овие проекти носат најмалку осум пати поголема вредност кога се во локална сопственост на граѓани или граѓански здруженија наместо далечни производители на енергија.

Додека овие енергетски здруженија и локални заедници се добро препознатливи во Западна Европа, ситуацијата во Источна Европа и Западен Балкан е поинаква – ние значително заостануваме.

Ние во Северна Македонија и Западен Балкан треба да работиме проактивно за да развиеме и усвоиме законодавство со што нашите граѓани ќе предничат на фронтот во енергетската транзиција. И ние работиме на тоа!

Неодамна ги олеснивме инвестициите на граѓаните и компаниите во производството на обновлива енергија со поедноставување на процедурите и подигање на свеста на граѓаните и малите и средните претпријатија да преземат проактивна улога во нивното производство на енергија. Но, ова е само почеток. Имаме уште многу да направиме за да ги вклучиме граѓаните како партнери во енергетската транзиција.

Затоа ја вклучуваме енергетската ефикасност во стратешките документи на нашата земја, како што се Националната стратегија за развој, индустриската политика, стратегијата за паметна специјализација и многу други. Овие процеси се отворени, транспарентни и вклучуваат граѓани од сите сфери на животот. Мораме да ги исполниме овие критериуми и да ги направиме отскочна даска за демократска енергетска транзиција.

Како што реков претходно, ова е свесен и совесен избор.

Совесен избор, но во исто време и свесна одговорност за сите.

И можеме да го постигнеме со отворање на енергетскиот сектор за граѓаните, за граѓаните да бидат агенти, а не само потрошувачи на енергија. Тоа значи дека граѓаните имаат збор во производството, трговијата и користењето енергија.

Во исто време, граѓаните имаат пристап до прифатлива, стабилна и доволна енергија.

Тоа значи дека даночните обврзници знаат како јавното претпријатие за производство и пренос на енергија ги троши своите пари и како функционира.

Значи, демократизацијата на енергијата е совесен избор кој е праведен за сите, избор кој никого не остава зад себе и создава и поттикнува зелени работни места.

Сега ова е поважно од кога било. КОВИД-19 и војната во Украина нè погодија сите тешко. Но, овие кризи, исто така, нè поттикнаа да ја разбереме важноста на стабилната и достапна енергија и да и дадеме приоритет на сите нивоа.

Затоа, многу сум среќен што денеска во Скопје разговараме на оваа тема. Со нетрпение очекувам да слушнам инспиративни примери денес и заедно да научиме како сите можеме ефективно да ја демократизираме енергетската транзиција!“.