„На крај на денот легитимна е дискусијата, еве ние нема да ја поставиме како Влада, но граѓантие ќе ја постават самите и легитимна е за поставување – кога субвенциониравме цена на елкетрична енергија, а кажуваа дека електричната енергија е клучниот фактор, зошто тогаш не кажуваа дали ги зголемуваат добивките и што се случува, како им помагаме затоа што добиваа понизок енегенс?“ запраша вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи во „Студио 10“ на ТВ24.

Тој додаде дека мора да има морал и етика во бизнисот, како што мора да има и секаде, а не само читање на теории.

„Морално и етичко однесување и на стопанствениците кон нивните клиенти е нужно,а особено во периоди на кризи сметам дека солидарноста е трет фактор кој што мора да го има насекаде и за жал тоа не го гледаме кај сите“ рече Битиќи.

Вицепремиерот повтори дека е благодарен до одредени пекарници и компании кои уште од првиот ден од одлуката на Владата самоиницијативно доставуваа леб дури и со пониски цени од одредената.

„Не мислам дека тоа беше популистичко од нивна страна, беше разумно и солидарно кон нивните клиенти. Затоа мислам дека таквите позитивни примери треба да продолжиме да ги истакнуваме, а негативните примери јас ќе кажам и верувам дека не треба да ги казнува, туку клиентите сами ги казнуваат тие кои што се однесуваат несоодветно“ рече Битиќи.