Бројот на нови случаи на коронавирус во Грција рапидно расте, а Делта сојот се шири со голема брзина, особено кај младите.

Според грчките медиуми, само на една забава во познатиот бар на плажа во Атина, биле заразени околу стотина млади, јавуваат грчките медиуми.

Затоа, најавени се нови ограничувања. Од утре, сите кафулиња, ресторани, барови и клубови ќе можат да работат само доколку имаат место за седење.

Во последните 24 часа регистрирани се 1.797 новоинфицирани лица, од кои над 1.000 во поширокиот регион на Атика, а осум пациенти починале.168 пациенти се на респиратот.

Заменик министерот за цивилна заштита Никос Хардијас предупреди дека во последните 10 дена просечната возраст на новозаболените лица е 27 години и дека 32 проценти од нив најверојатно биле заразени на собири на отворено.

„Позаразниот вид Делта можеби стана доминантен и се шири во Грција“, рече тој, повикувајќи ги граѓаните да се вакцинираат.

Тој додаде дека има голем скок во бројот на нови случаи, кои се зголемени скоро тројно од 28 јуни.

“Вакцинирајте се сега. Особено помладата генерација треба да ги заштити своите родители и другите постари”, рече тој за грчката национална телевизија ЕРТ.