Берлин ја презеде контролата врз германската единица на рускиот гигант за природен гас Гаспром.

Германскиот министер за економија преку соопштение во понеделникот го најави овој исход. Потегот уследи откако Министерството за економија дозна дека АД Палмари и Гаспром Експорт Бизнис Сервисс ДОО го купиле Гаспром Германија – но не е јасно кој е сопственик на двете компании, се вели во соопштението.

Германското Министерство за економија го оправда преземањето со образложение дека не дало дозвола за купување на Гаспром Германија. Според министерството, дозвола е потребна доколку инвеститорите не се од Европската Унија и ако се работи за „критична инфраструктура“, пишува Business Insider.

„Федералната влада го прави она што е неопходно за да ја поддржи безбедноста на снабдувањето во Германија“, рече министерот за економија Роберт Хабек во изјавата. „Ова, исто така, вклучува и неизложување на енергетската инфраструктура на Германија на произволни одлуки на Кремљ, се вели во соопштението.

Гаспром Германија работи со складирање гас, транспорт на гас и трговија со енергија во земјата. Компанијата е „исклучително важна за снабдување со гас“, соопшти германското Министерство за економија.

Германскиот сојузен енергетски регулатор Бундеснетцагентур ќе биде привремен комесар на Гаспром Германија до септември 2022 година, се наведува во соопштението на Министерството за економија.

Војната на Русија во Украина ја зголеми загриженоста за енергетската безбедност на Германија. Минатата недела Германија активираше итен план за решавање на прекините во снабдувањето со природен гас, откако рускиот претседател Владимир Путин побара плаќање во рубљи и се закани дека целосно ќе го прекине рускиот гас за Европа.

Германија сега е во „фазата на рано предупредување“ на својот план за енергетски итни случаи, а Берлин ги повикува сите потрошувачи на енергија – и индустријата и домаќинствата – да заштедат енергија и да ја намалат потрошувачката. Доколку ситуацијата се влоши, земјата би можела да го рационализира гасот во последната од трите фази на планот, при што индустријата е прва во редот за прекин на електричната енергија, соопшти германското Министерство за економија. Овој потег може да ја уништи економијата и да доведе до губење на работни места.

Минатата недела деловниот весник Handelsblatt објави дека Германија размислува за национализација на единиците на Гаспром и Роснефт во земјата.