Американскиот претседател Џо Бајден вчера разговараше со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, кому му изрази сочувство и ја потврди подготвеноста да ја пружи сета потребна помош по земјотресот во кој вчера загинаа илјадници луѓе.

Бајден рече дека американските тимови се распоредуваат брзо за да и помогнат на НАТО сојузникот Турција во напорите за спасување и потрага и да ја координираат другата помош што можеби ќе им треба на луѓето, вклучително и здравствена заштита и основни материјали, соопшти Белата куќа.

Разорен земјотрес со јачина од 7,7 степени според Рихтеровата скала ги погоди Турција и Сирија рано наутро во понеделникот, по што следеше уште еден силен земјотрес, оставајќи луѓе заробени под урнатините.