Американскиот претседател Џо Бајден изјави денеска дека постојат индиции дека рускиот претседател Владимир Путин се изолира и казнува некои негови советници, но додаде дека САД немаат многу цврсти докази кои би можеле да го потврдат тоа.

Кога новинар на Си-ен-ен го праша претседателот дали помошниците на Путин кријат информации од него, Бајден рече:

– Тоа е отворено прашање. Има многу шпекулации, но се чини дека, ова не го кажувам со сигурност, Путин се изолира и дека има некои индиции дека отпуштил или ставил дел од своите советници во домашен притвор. Но, не сакам да зборувам премногу за тоа во моментов, бидејќи немаме цврсти докази – рече тој.

Бајден напомена и дека е многу скептичен оти Путин ќе ги повлече сите свои сили од околината на украинската престолнина Киев.

Засега нема јасен доказ дека ги повлекува сите сили од Киев. Исто така, постојат докази дека тој ги засилува своите трупи во областа Донбас. „Во зависност од вашиот став за Путин, јас сум скептичен“, рече Бајден.

Тој додаде дека засега нема докази дека Путин ги повлекол своите војници од Киев и се упатил кон југ.