Американскиот претседател Џо Бајден во саботата во Варшава повтори дека петтиот член на НАТО, во кој се вели дека нападот врз една членка на Алијансата е напад врз сите членки, е „света должност“ за САД, пренесуваат агенциите.

„За нашата и за вашата слобода“
Тоа го изјави Бајден во неговиот разговор со полскиот претседател Анджеј Дуда, чија земја се плаши од агресија на Москва по почетокот на руската инвазија на Украина, пренесува France Presse.

Повторувајќи дека членот 5 е „света должност“ за Американците, тој додаде: „Можете да сметате на тоа“, по што потсети на старата полска изрека „за нашата слобода и за вашата“ која датира од полскиот бунт против окупација на царска Русија и која сакаше да им покаже на Русите дека бунтот треба да ги ослободи од империјалниот деспотизам.

Бајден ѝ се заблагодари на Полска што ги прифати бегалците од Украина и и оддаде почит на Варшава што презеде голема одговорност која, според мислењето на Бајден, не треба да биде само во таа земја, објави Ројтерс.

Полско-американски врски
Бајден рече и дека рускиот претседател Владимир Путин „сметал на поделба на НАТО“, но дека таа поделба не се случила.

Анджеј Дуда, од друга страна, рече дека полско-американските врски „цветаат“ и дека посетата на неговиот гостин „големо ќе ги зајакне“ и дека неговата земја е „сериозен“ сојузник на САД.

Тој ја спомена идната соработка со американски компании во проекти за изградба на нуклеарни централи во Полска и изрази желба полските фабрики за авиони да учествуваат во производството на американски хеликоптери Блек Хок.