Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, во своето последно интервју изјави дека долго време го барале споменикот на Андон Јанев-Ќосето, кој во текот на 2018 година беше отстранет од пред Врховниот суд.

„Споменикот на Ќосето долго време го баравме и успеавме да го детектираме. Два месеци се обидувавме да го најдеме. Кружеа гласини дека е стопен. Да не се грижат гражаните, пронајден е споменикот. Во добра состојба е, а за негово поставување ќе ги прашаме граѓаните”, рече Арсовска.

Пред четири години како дивоградба пред Врховниот суд остана само постаментот на кој стоеше споменикот на контроверзниот револуционер Андон Лазов Јанев Ќосето. Во текот на ноќта, служби на Град Скопје го отстранија споменикот и го сместија во магацин на Металскиот завод Тито.

Споменикот беше поставен ноќата меѓу 6 и 7 септември 2014 година, како дел од проектот „Скопје 2014“, а беше пријавен како донација од Здружението за духовно обединување на Сетинци, Попадинци и Крушоради од Лерин.