Од 1 јануари до 10 февруари годинава, Секторот за внатрешни работи Скопје и Оперативниот тим – Потраги, во рамки на своите редовни активности на подрачјето на главниот град, лоцираа и приведоа 37 лица, кои биле барани со потерници, по различни основи: по наредби добиени од страна на Основен кривичен суд Скопје, Основно јавно обвинителство Скопје, Основно јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција Скопје, КПУ Затвор Идризово, КПУ Затвор Скопје – Скопје и др.

Предмет на потрага беа лица за кои се распишувани локални, национални (централни) и меѓународни потерници: осудени лица со казна затвор, лица под истрага или со веќе определена мерка притвор, лица кои избегале од казнено-поправни установи.

Инаку, во текот на 2021 година на територијата на Скопје беа приведени 297 лица барани со потерница. Притоа, од страна на Оперативниот тим – потраги од слобода беа лишени 102 лица за издржување на вкупна казна затвор 269 години и 6 месеци и за доиздржување на преостанатиот дел од казната затвор во вкупно времетраење од 204 години и 11 месеци.

А од страна на организационите единици во рамки на СВР Скопје, во рамки на преземените оперативни активности од слобода беа лишени 195 лица за издржување на вкупна казна затвор од 210 години и 9 месеци и за доиздржување на преостанатиот дел од казната затвор во траење од 22 години, 11 месеци и 27 дена.
Воедно, во содејство на МВР Интерпол и МВР Потраги минатата година беа екстрадирани 32 лица, за кои беа распишани меѓународни потерници.