Директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов попладнево изрази сочуство до сопругот на жената од Челопек, кумановско која загина во пожарот што го зафати ова село.

-Тажно е тоа што се случи во кумановски Челопек, еден живот е загубен, тоа е она што неколку дена го зборуваме. Безбедноста на прво место на луѓето, куќите ќе ги направиме. Ќе помогне владата, ќе помогне општината. Дрвјата ќе пораснат, нема за една година, им треба многу време, но колку буки или борови вреди еден човечки живот, запраша Ангелов.

Токму затоа ЦУК ќе се фокусира на спасување на човечките животи, да се фокусираме ба заштита на човековото здравје.

-Тешко е да се напушти домот што некој го градел со сопствени раце, со мачно заработени пари целиот свој живот. Но нов дом ќе се направи, ве уверувам дека државата ќе помогне, но нов живот нема да се врати. Затоа апелирам до сите граѓани кои ќе се најдат во место каде пожарот се движи кон нив, тоа може да му се случи на секој, дури и на оние граѓани кои сега се далеку од пожарите, бидејќи пожарите се шират со чудна брзина. Дури има некои моменти како тие пожари се палат одеднаш, на повеќе локации. Полицијата работи на барање на причинителите. Бегајте, евакуирајте се, човечкиот живот е бесценет, нагласи Ангелов.