„Тимот со кој ќе победиме во Општина Пробиштип е составен од млади луѓе, професионалци во своите области, колаж од професии и енергија и силна мотивираност за уште повеќе успеси во наредните 4 години“, порача вечерва од Пробиштип носителот на листата за Советот на Општина Пробиштип на СДСМ и на Коалицијата, Оливер Андовски.

Тој нагласи дека тимот заедно со старо новиот градоначалник Драган Анастасов – Ладич има визија, план и програма, со која ќе придонесе во растењето на Пробиштип во една урбана, модерна и уште поубава општина за живеење.

Андовски најави низа инвестиции во спортот и спортските објекти во Општина Пробиштип, како нова тартан патека, реконструкција на градскиот стадион, за да се врати сјајот на фудбалскиот бисер на општината, ФК „Рудар“.

Од понеделник започнуваат да функционираат сите младински и детски фудбалски школи, во сите категории, под капата на ФК „Рудар“, финансирани од Општина Пробиштип. Родителите веќе нема да плаќаат партиципација, а тренерите и соодветните натпреварувања ќе бидат целосно финансиски покриени од Општината, најави носителот на листата за Советот на Општина Пробиштип на СДСМ и на Коалицијата, Оливер Андовски.