Македонија е во прогласена енергетска кризна состојба која трае до 30 април 2023 година, на сила е и Уредбата за критериуми за прогласување на енергетската кризна состојба, во која има сценарија по кои може да се постапува, а се однесуваат на редукција на потрошувачката на електрична енергија. Сценаријата се предвидени со цел избегнување на целосен колапс на енергетскиот систем во Република Северна Македонија, вели во интервју за „Локално“ советникот за енергетика во Владата, Виктор Андонов.

Тој потенцира дека тоа се сценарија, доколку се случат некои непосакувани хаварии на критичната енергетска инфраструктура, или пак имаме забрана за увоз на енергија од некоја од соседните држави.

-Се додека трае војната во Украина, сите треба да бидеме особено внимателни да бидеме спремни на сите сценарија, дури и на тие што се најмалку посакувани, истакнува тој.

Во однос на поскапувањето на струјата од 1.јануари, Андонов е дециден дека без разлика дали станува збор за криза или не, Македонија мора да ги менува навиките и мора рационално да се однесува кон енергијата.

-Тоа што за нас сега е чудно, дека Владата повикува на штедење, во Европа и развиените земји во Светот одамна е нормално. Потребно е да се зголемат инвестициите во енергетска ефикасност, и во рамките на Владата се разговара за можни дополнителни мерки за граѓаните, во делот на субвенциите за инсталирање на енергетски ефикасни уреди, ефикасно менаџирање на енергијата и други, посочува Советникот на Владата.

За користењето на „валканите извори на енергија“ и забавувањето на зелената транзиција, Андонов изјави дека дите земји во Европа на „кратко“ посегнаа по валканите извори со цел успешно справување со кризата, меѓутоа ги забрзаа плановите за енергетската транзиција.

– Европската комисија ги зголеми амбициите и си ги зголеми таргетите за процентот на обновливи извори во 2030 година. Истото очекувам да го следиме и ние, да продолжиме да се справуваме со енергетската криза со сите расположиви капацитети, меѓутоа да не ги заборавиме инвестициите и развојните проекти кои на среден и долг рок ќе ни ја обезбедат енергетската сигурност, вели во интервјуто Андонов.

Целото интервју е достапно на Локално.мк