„Од аспект на сите кризи со кои се соочивме, се наметна една нова ситуација, повторно се разгоре национализмот, повторно се подели народот на оние што се за западните вредности и на оние што сѐ уште мислат дека вредности може да генерираат диктаторски режими“, изјави Роберт Алаѓозовски, Национален координатор за интеркултурализам, како дел од  мултимедијален и медиумски настан „Перспективи 2023“ на ЦИВИЛ.

„Се соочивме со хибридни закани, нашата безбедност е постојано тестирана, особено во оваа, колку и да изгледа глупа, серија на дојави за бомби, но не знаеме кога тоа може да стане и реална закана по нас. Имајќи го сето ова в предвид, навистина просто човек да не посака да ја проживее оваа година. Но, од друга страна, капацитетите што ги вложивме во кризата со која се соочивме, ни кажува дека, сепак, можеме да бидеме задоволни“, вели Алаѓозовски оценувајќи ја 2022 година, додавајќи дека иако беше тешка годината, не ја изгубивме, напротив, се обезбедија максимален труд и напор што доведоа до позитивни резултати.

Перспективите за 2023 година, според Алаѓозовски, се дека сепак годината ќе биде предизивикувачка, но со надеж дека кризите ќе останат зад нас.

„Очекуваме дека војната во Украина ќе дојде до својата разрешница и дека крајот на акутниот дел од кризите ќе остане зад нас. Во таа смисла ние сме подготвени и сме максимално фокусирани да одговориме со сите сили на предизвиците што новата година ќе ги донесе. Стратегијата „Едно општество“ ја носиме во еден нов стратешки циклус. Тоа ни овозможува да ги реактуелизираме вредностите коишто таа стратегија ги кажува: еднаквост, недискриминација, остварување и унапредување на правата на сите заедници и подобрување на интеркултурниот дијалог, подобрување на социјалната кохезија…“, вели Алаѓозовски.

„Година во која ќе се соочиме со многу предизвици, но и година која ќе ги потврди нашите заложби и ќе покажеме зошто политиките, вредностите и опциите за коишто ние се залагаме се подобри од опциите што заговараат нетрпеливост, дискриминација, омраза, насилство…“, заклучи Алаѓозовски.

Биљана Јордановска
камера и монтажа: Александар Ризински