ЗОРАН БОЈАРОВСКИ

Северна Македонија ѝ ги расипа плановите на Москва и не дозволи растечките тензии меѓу Скопје и Софија да се претворат во отворен конфликт, иако беа доведени многу блиску до таа граница, откако чествувањето на годишнината од раѓањето на идеологот и организаторот на македонското револуционерно дело Гоце Делчев беше прогласен за настан од висок безбедносен ризик по што државата ги презеде сите неопходни мерки за да го стави под контрола.

Ако некој се сомневаше дека Москва е инспиратор, или во голема мерка ги поттурнува кон екстремни состојби релациите меѓу Северна Македонија и Бугарија со злоупотреба на разликите во Скопје и Софија околу Гоце делчев, заедничкиот став на државниот врв на нашата земја околу ова прашање ги отфрли овие сомнежи.

Претседателот Пендаровски на новинарско прашање, на прес конференцијата после последната седница на Советот за безбедност рече дека „руската разузнавачка служба стои зад структурите во Бугарија кои вршат антидржавна кампања кон Северна Македонија“, а премиерот Димитар Ковачевски во интервју за емисијата „Hardtalk“ на Би-Би-Си посочи дека третите земји, вклучително и Русија, отсекогаш имале свој интерес да имаат замрзнат конфликт на Балканот и дека инфраструктурата на ова влијание, кое со текот на времето стануваше сè посилна, била поставена во периодот на нашиот прием во НАТО.

Министерот за надворешни работи, пак, Бујар Османи ја оцени Русија како трет фактор во македонско-бугарскиот конфликт.

Сега, два дена после настанот од висок безбедносен ризик, вредно е да се истакне дека институциите на Северна Македонија, и на дел од институциите од Бугарија кои делумно зедоа учество во подготовките за безбедно спроведување на чествувањето на Гоце Делчев во црквата Св. Спас, покажаа висока одговорност и професионалност.

Министерството за внатрешни работи беше на висина на задачата и професионално и смирувачки се справи со провокациите и со намерите за инциденти, а Северна Македонија не подлегна на националистичката еуфорија и како држава, и во вакви испровоцирани тензии, обезбеди достоинствени услови делегациите и граѓаните да му се поклонат на великанот Гоце Делчев.

Русија ги љуби и Гоце Делчев и санстефанска Бугарија

Сепак, од денешен аспект изгледа наверојатен прегледот на настаните од 2017 до 2019 година, кога тогашните премиери на Македонија и Бугарија Заев и Борисов се поклонија на гробот на Делчев, откако две години претходно го потпишаа Договорот за добрососедство и пријателство и кога се договорија дека историските комисии ќе ги утврдат личностите што народите на двете земји заеднички ќе ги чествуваат.

Премиерот Зоран Заев и неговиот бугарски колега Бојко Борисов една година пред тоа во Рим заедно се поклонија гробот на Свети Кирил во базиликата „Сан Клементе“, кога дека „Република Македонија го чува и го негува делото на светите браќа, заедно со сите народи, заедно со народот на Република Бугарија, кои чувствуваат ист долг кон нивната мисија и наследство“.

За жал, изборните турбуленции на политичката сцена во Бугарија ги поттикнаа тамошните регресивни партии кои заиграа на картата на национализмот и на прашањето за Македонија стана една главните теми во четирите изборни циклуси на оваа земја за само две години.

Ставањето на темата Македонија во националистичкиот во Бугарија го подигна ветото на Бугарија во ЕУ за почеток на преговорите на нашата земја во 2020 година и тоа беше почетокот на мачниот процес на убедување, во кое свое место си зазеде и Русија со „посебните мерки“.

Една од тие координирани „посебни мерки“ е посебно интересна кога станува збор за односите меѓу Македонија и Бугарија, кога треба да се создаде конфузија. За руската пропаганда не е никаков проблем истовремено да ги поздрави и честита историските настани или ликови и во Македонија и во Бугарија, а за кои двете земји имаат дијаметрално спротивставени ставови. Така, Русија од Скопје го честита раѓањето на Гоце Делчев, а од Софија на потписникот на Санстефанскиот договор за формирање на „Голема Бугарија“, која што ги вклучува и границите на нашата земја.

Колку и да изгледа на прв поглед противречна, пишува Жарко Трајаноски во неговата анализа „Руски и проруски дезинформации во северна македонија: Анализа на пропагандни наративи и студии на случај“, руската пропагандна секогаш ги користи великосрпскиот и великобугарскиот национализам во однос на Македонија со една единствена цел – да создава хаос и дезориентација на Балканот, да ја спречување на евроинтеграцијата, и да ја јакне недовербата кон прозападните политички партии, кои се дискредитираат како „западни марионети“ и „народни предавници“.

Посебните мерки на Кремљ ја спроведуваат заканата дека Македонија е легитимна цел

Кога претходниот амбасадор на Руската Федерација во Скопје Олег Шчербак изјави дека Македонија ќе биде легитимна цел на Русија во случај на конфликт со НАТО, не мислеше дека таа ќе биде мета на воена агресија според конвенционални воени стандарди, туку таргет на специјална војна која во 21 век се препознава преку и хибридните дејствија кои вклучуваат подривачки разузнавачки и дипломатски активности, влијанија со дезинформации не економските и социо-културните процеси, сајбер напади врз информатичката, телекомуникациската и енергетската инфраструктура, како и инфилтрација во воено-безбедносните и разузнавачки структури, како и во криминалното подземје на земјите кои се цел на „посебните мерки“ на КГБ и Кремљ.

Сите овие дејствија беа спроведувани и сѐ уште се применуваат и во Северна Македонија.

Темелниот истражувач на руското влијание на Балканот и во Северна Македонија Жарко Трајановски од Инстититутот за медиуми и аналитика (ИМА), во неговата анализа „Руски и проруски дезинформации во северна македонија: Анализа на пропагандни наративи и студии на случај“, таксативно ги има назначено и опишано проруските наративи со дезинформации во земјата од 2015 до 2021, со посебен осврт на нивното „лице и опачина“ по руската инвазија на Украина во 2022 година.

Во оваа анализа детално се опишани дезинформацискиот наратив за „пуч“ и теориите на заговор за државен удар во соработка со „странски служби“ од периодот на „Шарената револуција“, дезинформациите за „голема Албанија“ и за поделба на Македонија и кампањата против „Тиранската платформа“ на граѓанското движење „За заедничка, кампањите со дезинформации за „Договорот од Преспа“ и референдумот во 2018, проруските кампањи со дезинформации против бегалци и мигранти, кампањите за воено-неутрална Македонија и за Евроазиска унија, руската панславистичка и православна пропаганда „Една вера, еден јазик“, проруските пропагандни наративи во контекст на ковид пандемијата, како и проруските наративи за подривање на Пописот на населението.

Во 2022, во контекст на воената агресија на Украина, нотира Трајановски во својата анализа, Кремљ ги воскресна наративите за на „неутралноста“ на Северна Македонија и за „евроазиската“ алтернатива, наративите за „специјалната воена операција“, денацификација, и демилитаризацијата на Украина, наративот за демонизација на „Западот“ и за „десатанизација“ и „дешејтанизација“.

Но, кога станува збор за 2022 година фокусот на „посебните мерки“ на Кремљ сега беше изоштрен на протестите против „Францускиот предлог“ во кои како главна парола беше наметната „бугаризацијата на Македонија и Македонците“.

Кулминацијата на овие протетсти се случи на 5 јули кога стотина млади маскирани демонстранти со камења ги искршија прозорците на Собранието и фрлија молотов коктел кон полицијата.

И тогаш претседателот Пендаровски рече дека „Руската Федерација го злоупотребува тоа што граѓаните легитимно протестираат против францускиот предлог“ и дека „неколку дузини луѓе кои се дојдени од соседните држави и кои се обидуваат да испровоцираат инциденти на протестите“.

Во врска со овие настани, неколку месеци подоцна, Ковачевски во интервјуто за Би-Би-Си рече дека намерата на овие протести била „создавање хистерија“ поттикната од медиумска, политичка и аналитичка инфраструктура во земјава, вклучително и некои „опозициски партии под влијание и на линија со нивните руски политички партнери“.

Во таа насока лидерот на Левица, Димитар Апасиев ја промовираше Евроазиската унија како една од алтернативите, повикувајќи Македонија да ги напушти преговорите со Бугарија.

Петков си ја предвиде судбината кога изјави дека Москва ги руши владите што не играат со неа

На делувањата на Москва во регионот, и посебно во Бугарија, укажа прилично отворено и алармантно поранешниот премиер на Бугарија Кирил Петков, непосредно откако падна неговата влада само 6 месеци откако ја презеде власта во Софија кога меѓународната јавност, пред сѐ Вашингтон и Брисел, оценија дека станува збор за про-западно ориентиран Совет на министри предводен од лидер образуван на Харвард во САД.

Но, на Москва тој курс на Бугарија не ѝ беше прифатлив и беше против сето она што Кремљ го „вложи“ во оваа земја за да ги инсталира своите „кртови“ во различни структури на државниот и општествениот апарат.

За жал на Петков, неговите предвидувања се остварија во првата половина на 2022 година, кога неговата партија „Продолжуваме со промените“ не успеа да формира влада, со што само ја продолжи агонијата во Бугарија со серијата неуспешни обиди да формира стабилен кабинет со што се зацврсти влијанието на тврдиот, проруски ориентиран претседател Румен Радев, којшто уште кога беше избран прв пат во 2017 година, ја презеде таа улога со прогнозата дека „Бугарија се соочува со нестабилност после изборот на про-руски претседател“.

„Русија навистина сака да ја собори оваа влада бидејќи ќе покаже дека ако не играте со нив, тогаш владите паѓаат“, изјави Кирил Петков тогаш за британски „Гардијан“ на 23 јуни 2022 година.

Петков тогаш рече дека Москва „го има земено на нишан“ откако тој предводеше делегација на бугарската влада и на безбедносните служби на средба со украинскиот претседател Володимир Зеленски на крајот на април 2022 година, за да склучи договор за поправка на украинското тешко оружје со руско потекло, за кое бугарскиот премиер вети и обезбеди и муниција од бугарските воени складишта.

Поддршката на Петков на Украина ја прели чашата со неговите „гревови“ во Москва, а таму не му го заборавија ниту неговото учество во взаемната акција на Македонија, Црна Гора и Бугарија, да не му дозволат прелет на авионот на министерот за надворешни работи на Руската Федерација Сергеј Лавров, до Србија како негова дестинација, принудувајќи го да ја откаже посетата.

За стратешките разлики меѓу Петков и Радев, кој има 42 години и е образован на запад, тогашниот премиер на Бугарија во разговорот за „Гардијан“ рече дека руската пропаганда создала силен поттик за политичарите како Радев.

Според Румена Филипова, директорка на Институтот за глобална аналитика во Софија, оваа ситуација на длабоки внатрешни поделби во меѓу проруските социјалисти и прозападните реформатори се заканува да биде неизвесна и со големи ризици и последици. Социјалистите и „преродбениците“ од истоимената партија и во бугарскиот и во европскиот парламент гласаа против санкциите кон Русија и за забраната на руските државни медиуми РТ и Спутник во ЕУ, и беа иницијатори и најгласни агитатори за блокирање на пристапот на Северна Македонија во ЕУ.

Да го вратиме чествувањето на Делчев од полето на омразата на полето за културен натпревар

Многу е важно после вакви трауматични настани да се извлечат поуки. Една од нив е дека колку и да е во овој случај „вандализацијата“ на чествувањето на Гоце Делчев резултат на специјалната војна на туѓи, трети страни, тој резултат сепак не би бил возможен доколку не беа прифатени и поттикнати од националистите и милитантните типови од двете страни, и во Бугарија и во Македонија.

Колку побргу ги препознаваме, а потоа и изолираме овој тип провокатори, толку побргу ќе го вратиме чествувањето на Делчев од полето на омразата на полето за културен натпревар меѓу двата народи, зашто Делчев беше и треба да остане симбол на слободата, а не на делбите.

Текстот е личен став на Авторот. Дозволено е преземање на текстот според лиценцата Creative Commons 4.0. | Извор: CivilMedia

извор: Цивилмедиа.мк