Граѓаните на Северна Македонија утре ќе се обратат до гласачките кутии за да гласаат на седмите претседателски и 11-те парламентарни избори.

За вториот круг од претседателските избори право на глас имаат милион 814 илјада 317 избирачи, од нив во изводите од избирачкиот список за гласање во државава се запишани милион 713 илјади 758 избирачи. За парламентарните избори право на глас имаат милион 815 илјади 350 избирачи. Од нив во изводите од избирачкиот список за гласање се запишани милион 716 илјади 664 избирачи, додека во посебниот извод од избирачкиот список за лицата кои согласно со евиденцијата на надлежен орган се на привремена работа или престој во странство се запишани 96 илјади и 10 избирачи.

Кога се конституира Собранието

Според член 63 од Уставот мандатот на пратениците го верифицира Собранието, а мандатот почнува да тече од конститутивната седница на Собранието. Новоизбраното Собрание се состанува на конститутивна седница најдоцна 20 дена по одржаните избори. Конститутивната седница ја свикува претседателот на Собранието од претходниот состав. Доколку не се закаже конститутивна седница во предвидениот рок, пратениците сами се состануваат и го конституираат Собранието на дваесет и првиот ден од денот на завршувањето на изборите.

Доделување на мандат за формирање на Влада

По одржувањето на претседателските избори и инаугурацијата на претседателот, која се очекува да се случи по 12 мај, претседателот на државата има задача да го додели мандатот за формирање влада. Доделување на мандатот треба да се случи по конституивната седница на Седницата.

Претседателот на Република Македонија е должен во рок од десет дена од конституирањето на Собранието мандатот за состав на Владата да го довери на кандидат на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Собранието, гласи членот 90 од Уставот.

Понатаму се вели дека мандаторот во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, на Собранието му поднесува програма и го предлага составот на Владата. Владата, на предлог на мандаторот и врз основа на програмата, ја избира Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Назми Абдурахмани

Извор: Civilmedia.mk