На денот на гласањето, 8 мај, ЦИВИЛ ќе распореди 80 акредитирани набљудувачи низ целата земја кои се мобилни и посетуваат повеќе избирачки места.

Сите граѓанки и граѓани се повикани да пријавуваат нерегуларности на веб страницата СЛОБОДНИ ИЗБОРИ, во порака на Фејсбук страницата на организацијата или на телефоните 02/520 91 76 или 071 712 799, како и на мејлот monitoring.civil@gmail.com.

Сите неопходни информации за изборите што може да им помогнат на граѓанките и граѓаните да го остварат своето право на глас може да се најдат и во рубриката ИЗБОРИ на медиумската платформа ЦИВИЛ МЕДИА.

Прес центарот на ЦИВИЛ ќе биде отворен од 7 до 23 часот. Во текот на денот, ЦИВИЛ ќе одржи осум прес конференции на македонски и албански јазик, а ќе биде на располагање на медиумите и за поединечни изјави во Прес центарот на организацијата.

Во текот на целиот ден и до доцна навечер ќе работат четири тимови: комуникација, мониторинг на медиумите и социјалните мрежи, аналитика и односи со јавноста. Во функција е и специјален мобилен тим за мониторинг и верификација на извештаите од теренот.

(За термините на прес конференциите, кликнете ТУКА)

*

ЦИВИЛ бара од политичките партии да го почитуваат Изборниот законик, Уставот и законите на Република Северна Македонија, да го почитуваат изборниот молк и да придонесат кон демократски, законит и фер изборен ден на 8 мај, како и за време на гласањето на 7 мај.

Граѓанките и граѓаните очекуваат фер и демократски избори, без притисоци и злоупотреби. Ништо помалку од тоа.

Изборите го одразуваат духот на демократијата во една земја и се организираат за граѓанките и граѓаните, не за партиите. Затоа, секој учесник во изборниот процес има законска и морална обврска да придонесе кон фер и демократски изборен процес.

ЦИВИЛ бара од политичките партии да ги почитуваат демократските принципи и да им порачаат на своите членови и симпатизери да се воздржат од кршење на изборниот молк, како и од ширење на говор на омраза и дезинформации.

Гласачите имаат право на информиран избор.

Медиумите и организациите на граѓанското општество, особено оние што се вклучени во изборниот мониторинг, имаат исклучително важна, ако не и пресудна улога.

*

ЦИВИЛ спроведува сеопфатен непартиски и професионален долгорочен изборен мониторинг на претседателските и парламентарните избори од воспоставувањето на техничката влада на 28 јануари. Мониторингот се спроведува во повеќе области и категории, соодветно на уникатната методологија за мониторинг што организацијата ја унапредува од 2008 година наваму.

Посебен фокус на долгорочниот изборен мониторинг на ЦИВИЛ се политичкото финансирање, дезинформациите, говорот на омразата и руското влијание во изборниот процес.

Организацијата воспостави комуникација со сите релевантни институции и организации во земјата, како и со мисијата на ОБСЕ/ОДИХР и други меѓународни мисии.

ЦИВИЛ Тим за комуникации