Околу 93 отсто од 90 ковид-пациенти со тешка клиничка слика лекувани во неколку грчки болници со новиот лек развиен од тим во Медицинскиот центар „Сораски“ во Тел Авив, како дел од фазата II на испитувањето, биле отпуштени од болница за 5 дена или помалку.

Испитувањето во фазата II ги потврдило резултатите од фазата I, која била спроведена во Израел минатата зима и во која 29 од 30 пациенти со умерена до сериозна клиничка слика закрепнале во рок од неколку дена.

– Главната цел на ова истражување беше да се потврди дека лекот е безбеден. До денес не регистриравме значителен несакан ефект кај ниту еден пациент од двете групи – вели професор Надир Арбер.

Испитувањето било спроведено во Атина бидејќи Израел немал доволно релевантни пациенти. Главниот истражувач бил грчкиот комесар за коронавирус, професор Сотирис Циодрас.

Професор Арбер и неговиот тим, вклучително и д-р Ширан Шапира, го развиле лекот базиран на молекула што професорот ја проучувал веќе 25 години, наречена CD24, која природно е присутна во телото.

– Важно е да се запомни дека на 19 од 20 пациенти со ковид-19 не им е потребна терапија. Во временска рамка од 5 до 12 дена, на околу 5 отсто од пациентите почнува да им се влошува состојбата – вели Арбер.

Главната причина за клиничкото влошување е прекумерната активација на имунолошкиот систем, позната како цитокинска бура. Кај пациентите со ковид-19 системот почнува да напаѓа здрави клетки во белите дробови.

– Токму овој проблем е целта на нашиот лек – вели професорот.

CD24 е мал протеин што се наоѓа на мембраната на клетките и служи за многу функции, вклучително и за регулирање на механизмот одговорен за цитокинската бура.

Арбер нагласува дека нивниот третман, „ЕXO-CD24“ не влијае врз имунолошкиот систем во целина, туку само го таргетира овој специфичен механизам, помагајќи му повторно да го најде неговиот правилен баланс.

– Ова е прецизен лек. Среќни сме што најдовме алатка за справување со физиологијата на болеста. Стероидите, на пример, го затвораат целиот имунолошки систем. Ние го балансираме делот одговорен за цитокинската бура користејќи го ендогениот механизам на телото, што значи алатки што ги нуди самото тело – објаснува докторот.

Тој истакнува дека уште еден пробивен елемент на овој третман е неговата испорака.

– Ние користиме егзозоми, мали везикули добиени од мембраната на клетките одговорни за размена на информации меѓу нив. Успевајќи да ги доставиме точно таму каде што се потребни, избегнуваме многу несакани ефекти – додава тој.

Тимот сега е подготвен да ја почне следната фаза од истражувањето.

– Колку и да ветуваат наодите од првите фази на третманот, никој не може да биде сигурен во ништо додека резултатите не се споредат со оние на пациентите кои примаат плацебо – вели професорот.

Околу 155 пациенти со ковид-19 ќе учествуваат во истражувањето. Две третини од нив ќе добијат лек, а една третина плацебо. Истражувањето ќе се спроведе во Израел и на други места, ако бројот на пациенти во земјата не е доволен.

– Се надеваме дека истражувањето ќе заврши до крајот на годината – вели професор Арбер.

Доколку се потврдат резултатите, тој вети дека третманот може да биде достапен релативно брзо и по ниска цена.