Скопје, 16.11.2022- Младите од седум рурални општини од Пелагонискиот регион го изодеа „административниот пат“ до реализација на своите идеи. По иницијатива на 50-тина млади кои беа дел проектот „Зајакнување на луѓето од Пелагонија“ во изминатите 12 месеци беа изградени две теретани на отворено во Новаци и Могила, се уредија два паркови во Демир Хисар и Кривогаштани, се опреми кино на отворено во Крушево и се уреди спортски терен во Долнени. Објектите се изградени со заедничко финансирање од Амбасадата на Кралството Холандија и општинските буџети.

Апатичноста и пасивноста на младите од руралните средини во Пелагонија, трендот на иселување село – град и недовербата кон институциите беше причината организацијата Про Локал во соработка со уште девет локални партнери да организира интензивен процес на вклучување на младите во јавниот живот.

Проектот „Зајакнување на луѓето од Пелагонија“ функционираше како отворена Академија за лидери, активностите се реализираа на јазик разбирлив за младите – дигитално и на несекојдневни локации како островот Голем град, адреналинскиот парк во Крушево, хајкинг патеките на Галичица и Пелистер, фитнес тереана… Преку иновативни работилници, мотивациски дебати со успешни личности, симулации на работењето на јавните институции, средби со градоначалниците и советниците од регионот се градеа капацитетите на младите за да стекнат  знаења и практични вештини да ја променат средината во која живеат.

Младите имаа привилегија да учествуваат на тренингот  „Training on EU citizens/youth engagement practices“, кој го водеа експерти од Хаг од Академијата за Локлано Владеење која е водечка организација во светски рамки за граѓанско учество во носењето на локални политики. Добија и Сертификат за завршен тренинг кој е признат во ЕУ (вредноста на тренингот надвор од проектот е неколку илјади евра за еден учесник) .

На завршната конференција која се одржа вчера во Битола, заменик Амбасадорот на Холандија во земјава, г-дин Роберт Декер им порача на младите да ги искористат овие знаења и да делуваат – затоа што обврската да го променат местото во кое живеат им останува ним.

Градоначалниците од регионот потпишаа и Меморандум за формирање на првата регионална платформа за млади, преку која општините заедно со Про Локал и локалните организации ќе работат решавање на проблемите и унапредување на состојбата на младите во Пелагонија.

Заради позитивните промени врз младите од рурална Пелагонија, Про Локал ќе продолжи со реализација на проектот и во наредните две години со поддршка од Амбасадата на Кралството Холандија во земјата, а во периодот 2022-2024 ќе бидат вклучени и општините Битола и Прилеп, 50 нови учесници и ќе бидат изградени 9 нови инфраструктурни објекти од мал обем по предлог на младите од пелагониските општини.